Грците не сакаат напуштање на еврозоната
Повеќе од шеесет отсто Грци сакаат државата да остане во еврозоната и се против враќање на драхмата, и покрај острите мерки за економско штедење кои на Грција и ги наметнаа од ЕУ, ММФ и државите од европската монетарна унија, се вели во анкета направена меѓу граѓаните .
Според анкетата на Марк, 63 отсто Грци сакаат државата да остане во зоната на еврото.
Спротивно на тоа, 29,8 отсто сакаат враќање на драхмата, а 6,7 отсто немаат став за тоа.
Анкетата била проведена меѓу 26 и 28 март откако Парламентот на Кипар прифати спорно и прескапо реструктуирање на банките по барање на еврозоната и ММФ, а во замена за финансиска помош за да избегнат банките несолвентност.
– Не треба да се фетишизира ниту еврото, ниту драхмата, изјави синоќа Панос Скурлетис, портпарол на водечката опозициска партија популистичката СИРИЗА која ја критикува зоната на еврото и политиката на строго штедење за која посебно се залага Германија.
– Европската унија мора да се реставрира, на нови основи. Решение мора да се најде во рамки на ЕУ, но никој не знае дали ЕУ ќе опстане ако не ја промени политиката, наведе тој.
