Грците ја дадоа „златната кокошка“ – доволна за 15 дена долг!
И покрај кризата, атинското пристаниште Пиреј не престанува да создава профит со оглед дека прометот на туристи и стоки често се зголемува.
Меѓутоа, минатата недела, Владата на Грција потпиша договор за приватизација на ова пристаниште со кинеската група “Коско Лимитед“ за вкупна сума од 368,5 милиони евра во две фази.
Во првата фаза, кинеската компанија ќе плати 280,5 милиони за да стане мнозински сопственик (т.н. сопственик на 51 одсто од акциите) а во другата, ако за наредните пет години ги исполни условите од договорот, како финансирање на инвестиции во висина од 350 милиони евра, „Коско“ ќе исплати додатни 88 милиони за да го зголеми бројот на акциите на 67 одсто и со тоа да ја заклучи приватизацијата.
Самата Грција од оваа приватизација нема да има многу корист бидејќи 280,5 милиони евра, значи целокупната заработка од приватизацијата ќе отиде на отплата на долгот. Во согласност со буџетот за 2016 година, Грција треба да отплати 6 милијарди само на интереси, што значи дека 280,5 милиони евра го покриваат долгот за две недели.
„Коско“ истовремено е и претпријатие кое го изнајмувал Пиреј, а за тоа плаќал 35 милиони евра. Со оглед дека сега е сопственик на 51 одсто ( а подоцна и 67 одсто) акции , тоа значи дека дел од таа сума ќе оди назад во нивни џеб, а не во државниот буџет.
