Грција прави детална листа со реформи
Повеќе од три часа траела тркалезната маса за проблемите на Грција. Има одреден напредок, соопштил извор на „ДПА“. Ова ќе им овозможи на Атина да добие брз пристап до потребните средства.
Грција се согласила да им даде на доверителите нова листа со реформи, за да си ги обезбеди спасувачките фондови, објавија властите по разговорите помеѓу премиерот Алексис Ципрас и европските лидери.
Врз основа на клучен договор минатиот месец, со кој продолжува спасувачкиот пакет на ЕУ и ММФ за Атина, грчките власти ќе треба да обезбедат целосен список на конкретни чекори за реформите во наредните денови.
Во краткото соопштение на европските институции, објавено во раните утрински часови, се вели дека Грција ќе ја претстави новата листа на доверители. Грција „ќе управува со реформите“, а обврските пред еврогрупата на 20 февруари кои се потврдени со условот „да се утврдат што е можно побрзо“, се додава во изјавата објавена по повеќе од тричасовната седница посветена на грчката криза.
Грција и нејзините европски партнери „повторно ја поставија врз шините постапката“, за да го обезбедат спасувањето на земјата, уверувал грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„Јасно е дека Грција нема да преземе рецесивни мерки“, додал Ципрас, по три и пол часовните разговори со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и претседателите на Европските институции.
