Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грција нема да се спаси без нови кредити, категорична е Еврогрупата

Грција нема да се спаси без нови кредити, категорична е Еврогрупата

Грција има потреба од нови заеми, за да не потоне. Ова го изјавил претседателот на Еврогрупата Јерун Деиселблум во вторникот.

„Без идни кредити, Грција нема да се справи со кризата - тоа е реалноста“, изјавил Деиселблум во телевизиско интервју, цитиран од грчкото издание „Катимерини“.

Последни промени кои ги направи грчкиот премиер Алексис Ципрас со преговарачкиот тим нема сами по себе да го решат ќориот сокак меѓу Атина и нејзините кредитори, додаде Деиселблум.

Според него, за време на преговорите во последните два месеци е постигнат мал напредок, а одржувањето на референдум за договорот со кредиторите не е добра идеја.

Ципрас предходно најави дека ако условите за евентуалната зделка со кредиторите, предложена на Грците, се разминува со предизборната платформа на СИРИЗА, таа ќе биде тестирана на референдум.

„Ќе чини пари, ќе создаде огромна политичка неизвесност, а и не мислам дека имаме време. Исто така не мислам дека Грците имаат време за такво нешто“, категоричен беше Деиселблум.

Според зборовите на Холанѓанецот не треба да биде изненадување за грчката влада ако Европската централна банка (ЕЦБ) не ги олабави условите за тоа колку грчки државни обврзници можат да ги користат банките како капитал.

„Грчката влада се потпираше на тоа дека ако продолжи да преговара со нас, ЕЦБ ќе ги отвори сефовите за Атина и ќе и ги олесни условите“, коментира Деиселблум.

„Лесен пристап до финансирање од ЕЦБ сепак нема да има се додека не се постигне стабилен договор во Еврогрупата. Тоа им беше кажувано постојано“, категоричен беше холандскиот министер за финансии.

Говорејќи во ист тон еврокомесарот за економски прашања, Пјер Московичи денес за француска телевизија, потврди дека разговорите напредуваат „не толку брзо како што треба, и се водат по незадоволителен начин“.

Сепак Московичи ја дефинира како добар знак одлуката на Алексис Ципрас да ја ограничи интервенцијата на министерот за финансии Јанис Варуфакис во преговарачкиот процес по неуспехот во преговорите на средбата на министрите за финансии во Рига минатиот петок.

„Важно е дека Ципрас се впушти лично во преговорите и испраќа во Брисел свои луѓе, луѓе на кои може да се има доверба и луѓе со кои можеме да разговараме“.

Слично

Поврзани вести