Грција ќе крати само од високите пензии
Намалувањето на пензиите во Грција нема како да биде избегнато, призна новоизбраниот социјален министер во Грција Јоргос Катругалос. Во договорот со доверителите е запишано намалување на пензиските трошоци со 3,5 милијарди евра до 2018 година, потсети тој пред локалното Real FM радио.
Намалувањето сепак ќе влијае само на високите пензии, како и дополнителните пензии кои добиваат некои категории пензионери во Грција, додава Greek Reporter.
Социјалниот министер е категоричен дека новата влада нема да ги намалува ниските и средните пензии. Како ниски тој ги утврди пензиите под 1000 евра, а средни - во опсег помеѓу 1000 и 1500 евра.
Катругалос додава дека властите ќе се обидат да најдат и начини да ги компензираат намалувањата и на високите пензии, како и други редукции предвидени во третиот спасувачки план. Тоа е основата на новата програма за управување на СИРИЗА - исполнување на барањата на доверителите, но и мерки за ограничување на негативните ефекти.
Предизвик пред владата ќе е промената и на даночниот систем што ќе претстои во наредните месеци.
Во меѓувреме грчкото Министерство за финансии потврди за "дупка" во приходите во буџетот. Во периодот јануари - август тие се со речиси 12% помалку од планираното. Тоа беше очекувано предвид капиталната контрола на банките во земјата.
Податоците покажуваат дека во разгледуваниот период во касата примиле 30,7 милијарди евра приходи, што е за 4,15 милијарди евра помалку од планираните 917 милиони евра од нив се несобраните даноци.
Во исто време грчката влада ги намали трошоците, вклучувајќи ги и оние за инвестиции. Во периодот на централната власт се потрошени 31,8 милијарди евра, наместо бараните во буџетската рамка за годината 36,6 милијарди евра.
