Грција ќе ја убедува Македонија да прима мигранти од Авганистан
Грција ќе преземе дипломатски активности за да ја убеди Македонија да прифати авганистански бегалци на својата територија.
Во моментов околу 5.000 бегалци и мигранти се блокирани на границата меѓу двете балкански држави, откако во неделата (21 февруари) надлежните изјавија дека нема да прифатат Авганистанци.
„Почнавме дипломатски потези ... Веруваме дека проблемот ќе биде решен“, рече грчкиот министер за миграции Јанис Музалас без да дава дополнителни информации. „Се подготвуваме, па ако има нарушувања на европските одлуки од страна на Србија и Скопје, ние да можеме да се справиме со проблемот кој ќе се создаде во Грција“, рече тој.
Покрај луѓето на границата, други 3.000 лица се блокирани во главниот град Атина, откако пристигнаа на пристаништето Пиреја од грчките острови, соопшти владин извор, според кого властите имаат тешкотии со тоа да најдат засолниште за новодојденците. „Не очекуваме (дипломатска) одлука денес“, рече грчкиот владин извор, кој додаде дека на авганистанските граѓани ќе им биде обезбедено засолниште.
Развојот на ситуацијата дојде откако во петокот Австрија ефикасно воведе дневен лимит на барателите на азил во земјата, предизвикувајќи проблеми во ЕУ, дека тоа може да доведе до „домино ефект“ и во земјите на балканскиот правец.
Од ноември наваму некои од земјите од Балканот ги пуштаат на своите територии само Сиријците, Ирачани и Авганистанци, чија цел најчесто се земји како Германија и Шведска.
