Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грција ќе ја користи и армијата за справување со бегалската криза

Грција ќе ја користи и армијата за справување со бегалската криза

Нова единица ќе ги поддржи напорите на грчките власти за справување со бегалската криза, соопшти министерот за одбрана на Грција Панос Каменос, цитиран од весникот "Катимерини". На чело на структурата ќе застане висок воен службеник, а неговото седиште ќе е сместено во Министерството за одбрана.

Очекувањата се новата единица да проработи од 15 февруари и да биде во координација со Министерството за миграција, грчката полиција и крајбрежната стража, како и со невладини организации кои работат со мигрантите.

Со вклучувањето на воените сили Атина ќе се обиде да одговори на бегалскиот притисок и критиките кои ги прима дека не успева да се справи со заштитата на границите на Шенген.

Целта на структурата е да ја подобри работата со мигрантите во однос на трансферот од островите кон внатрешноста на земјата, создавањето на жешките точки во кои се регистрираат и влегуваат мигранти, како и во однос на снабдувањето со храна и лекови.

Каменос ги најави и плановите на Владата за намалување на миграциониот притисок на островите - бегалци кои пристигнуваат од Турција ќе бидат транспортирани во прифатни центри во рамките на 24 часа. Во центрите во Атина и Солун бегалците ќе можат да престојуваат не повеќе од 72 часа.

Слично

Поврзани вести