Грција ги „извезува“ мигрантите во Турција, вториот траект тргна!
Траект со 45 мигранти го напушти грчкиот остров Лезбос и се упати кон Турција, што е втора таква група која Атина во Турција ја префрла во согласност со договорот на Турција и ЕУ.
Планирано е во текот на претпладнето да исплови уште еден брод кој до Турција ќе превезе поголема група мигранти, околу 80 од нив, јави државната грчка телевизија.
Во грчката влада велат дека се работи за луѓе кои не барале азил во Грција.
„Секој кој поднесе барање за азил се елиминира од листата“, рекол неименуван грчки извор за Франс прес.
Тројца активисти кои се борат за заштита на човековите права се уапсени утрово откако, скокајќи во вода, го закачиле сидрото на траектот во обид да спречат негово испловување.
Уште 12 луѓе се собрале утрово во пристаништето Лезбос извикувајќи „Запрете ја депортацијата“, „ЕУ срами се“ и „Слобода за бегалците“.
Првата група од 202 бегалци, повеќето од Пакистан и Авганистан е вратена од Грција во Турција во понеделникот, што предизвика нагло растење на барањата за азил, поради што грчките власти морале да го одложат праќањето на новите групи мигранти бидејќи барањата за азил мора да ги разгледаат поединечно.
