Грција бара од ЕУ нов план за бегалците
Грчкиот министер за имиграција ja повика ЕУ да подготви вонреден план, ако Турција го запре извршувањето на договорот за прекин на протокот на мигрантите кон Европа.
„Многу сме загрижени. Потребен ни е план Б за секој случај“, рече грчкиот министер задолжен за миграцијата Јанис Музалас за германскиот таблоид Bild.
Во понеделникот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави во интервју за „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ дека Анкара може да го запре извршувањето на договорот, ако Европа не даде безвизен режим на Турците до октомври.
Следниот ден Ердоган ги повтори неговите зборови. Всушност, Турците го условуваат Брисел со тоа веќе неколку месеци, коментираат светските медиуми.
Германски политички лидери ја исклучија можноста ЕУ да им овозможи на Турците да патуваат без визи, ако Анкара не ги исполни потребните услови.
„Има услови за безвизно патување и сите земји се свесни за нив“, категоричен беше министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и додаде дека Турција има „да заврши уште работа“.
Визната либерализација беше дел од договорот меѓу Турција и ЕУ за прекин на миграциониот поток. Анкара сепак се уште треба да исполни одредени правни критериуми, меѓу кои и промена на дефиницијата за тероризам.
Европските лидери се плашат дека сегашните закони се користат за да се врши притисок врз опозицијата. Со месеци тие ги предупредуваат турските власти дека неуспехот на условите за визите нема да падне.
