Гром погоди камп со македонски деца во Грција, повреден е тренерот
Едно лице, македонски државјанин, е повредено од удар на силен гром во камп во Вурвуру, Грција. Станува збор за камп во кој на летна школа престојувале 33 деца од Македонија, во организација на клубот „Полар“, а повреден бил нивниот тренер.
Децата не се повредени, но вознемирени биле вратени веднаш во Скопје, затоа што нивниот тренер бил погоден од гром пред нивни очи, додека биле на плажата.
„Како резултат на неочекуван силен удар на гром, при што потешко е повреден Дино Хоџиќ еден од тренерите на клубот Полар кој ургентно е префлен во болница во Солун, првата смена на летната школа во Вурвуру е предвремено прекината. По извршените лекарски прегледи на децата кои биле во близина на силното електрично празнење, сите 33 учесници на школата, во добра состојба, се вратени во Скопје. За реализацијата на останатите смени на летната школа, родителите на пријавените учесници ќе бидат дополнително известени од страна на клубот Полар“, стои во официјалната информација од Клубот.
Хоџиќ се уште се наоѓа на лекување во болницата во Солун. „Нема срцеви проблеми, но има пневмонија и температура. Тој е под антибиотска терапија. Засега нема подобрување ниту влошување на неговата здравствена состојба“, велат од МНР, откако македонската конзулка во Солун Маја Апостолова - Балабурски го посетила повредениот тренер.
Слично
