ГРОМ: Некој извршил притисок врз Иванов за тој да донесе ваква одлука
Запрепастеност од одлуката за аболицирање која ја донесе и потпиша претседателот Иванов соопшти денеска партијата наСтевчо Јакимовски ГРОМ.
„Запрепастувачки е што оваа одлука се носи во моментот кога имаме нефункционална техничка влада, распуштен Парламент, а со ваквата одлука Претседателот ја загрозува единствената институција од витално значење. Очигледно е дека некој извршил, огромен притисок врз Претседателот на државата за тој да донесе ваква одлука“, изјави Јакимовски.
Тој вели дека сега дилемата е дали притисокот врз Иванов се извршил од „чадорот’’, откако увидоа дека Зоран Заев не е вистинскиот избор за спроведување на нивното сценарио?, праша Јакимовски.
Според Јакимовски, со одлуката претседателот Иванов ги прогласил политичарите за граѓани од прв ред. Од ГРОМ сметаат дека секој што направил криминал без оглед дали е од власта или од опозицијата треба да одговара за своите постапки.
