ГРОМ на Стевчо Јакимовски бара предвремени избори на пролет
Граѓанската опција за Македонија- ГРОМ, на лидерот Стевчо Јакимовски ќе се залага за предвремени парламентарни избори оваа пролет. Ова е потребно, смета Јакимовски, поради цензусот, долгите периоди на техничка влада и застојот во евроинтеграциите, како и лошата економска состојба.
Тој појасни дека партијата од вчера е легитимен политчки субјект со сите партиски тела, а побара од власта парламентрани избори да се одржат заедно со претседателските.
„Ние во 2013 година имавме локални избори што практично значеше дека од 11 јануари до 24 април ние имавме техничка влада. Тоа значеше дека ниту можеше да се носат некои одлуки, ниту закони, а сето тоа се пренесува врз работата на локалната сампоуправа. Догодина исто така ќе имаме претседателски избори и исто толкав период техничка влада. Потоа во 2015 редовни парламентарни избори, што значи дека во 36 месеци ние практично 12 месеци ќе имаме техничка влада, што е исклучително неповолно за земјата. Доколку и мислиме добро на државата, тој процес треба да се скрати и напролет треба да имаме истовремено и претседателски и парламентарни избори“, истакна Јакимовски.
Ако одиме само на претседателски избори, смета лидерот на ГРОМ , ќе има проблем со цензусот и сериозна политичка, но и уставна криза. Предвремени парлементарни избори од ГРОМ бараат и поради застојот во евроатланските интеграции, но и лошата економската состојба.
„Освен тоа, има сериозен застој во политичкиот дијалог, а по оставката на Борис Кондарко од функцијата претседател на Државната изборна комисија, политичките конфронтации ќе ескалираат. Затоа, ставот на ГРОМ е дека најдобро напролет народот да се изјасни дали оваа власт треба да стане натаму или ќе дојде до смена на власта за да се разрешат многу проблеми во Република Македонија“ – рече Јакимовски.
Поради тоа, ГРОМ го повикаа ВМРО-ДПМНЕ да ги спроведат препораките на ОБСЕ и ОДИХР и да направат се за изборите на пролет да бидат фер, демократски и согласно европските стандарди. Ги повикаа и СДСМ, веднаш по распишувањето на огласот во Парламентот да го дадат својот претставник во ДИК.
Во спротивно, сметаат од ГРОМ, оставката на Кондарко ќе ја гледаат како политички маневар и барање алиби за неодење на избори.
Слично
