ГРОМ нa избори ќе настапи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ
Граѓанската опција за Македонија или ГРОМ партијата на Стевчо Јакимовски се приклучи на листата на ВМРО-ДПМНЕ.
ГРОМ заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе на мегдан против партиите на Јанко Бачев и на Бранко Јаневски.
На предизборната коалициска листа ГРОМ ќе учествува со четири свои кандидати за пратеници и тоа: Чедомир Саздовски кој доаѓа од Општинската организација ГРОМ – Кисела Вода во Изборната единица 1, Бети Тасевска од О.О ГРОМ- Штип во Изборната единица 3, Панчо Минов од О.О ГРОМ-Кавадарци во Изборната единица 4, и Милка Ѓурковиќ од О.О ГРОМ- Гостивар во Изборната единица 6.
Во својата елаборација пред членовите на Централниот одбор, претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, ја образложи детално актуелната политичка состојба во Република Македонија. Меѓудругото, истакна дека ГРОМ како партија, секогаш се залагала за учество на избори и за институционално решавање на проблемите, а не преку бојкот и креирање на хаос во државата, со што се поткопуваат нејзините институции и се загрозува нејзината безбедност.
Половина час пред полноќ кандидатски листи за пратеници до ДИК поднесе партијата на Никола Груевски.
Очекувано Груевски е носител на листата во првата изборна единица, а, министерот за надворешни работи, Никола Попоски во втората изборна единица.
Координаторот на пратеничката група, Илија Димовски ќе ја предводи третата изборна единица, а министерот за здравство, Никола Тодоров во четвртата е носител. Антонио Милошовски е носител на кандидатска листа во петтата, а во шестата носител е пратеникот, Влатко Ѓорчев.
На листата ги нема аболицираните екс министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиевски како и министерот за финансии Зоран Ставрески.
