Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРЕШКА ДО ГРЕШКА: Образование со промашени проекти!

ГРЕШКА ДО ГРЕШКА: Образование со промашени проекти!
И покрај укажувањата за постоење стручни, јазични и дидактички грешки во учебниците, тие и годинава се препечатуваат со истите грешки, а учениците ќе мораат да прибираат знаења преку  нелогични дефиниции и неразбирливи поими. Универзитетскиот професор Петар Атанасов кој е и претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ, за Фактор вели дека процесот на образование на идните генерации е од непроценлива важност за развојот на демократските општества засновани на слободни граѓани, но грешките во учебниците кои ги дефинираат “лојалните граѓани како добри и одговорни работници кои секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од нивните слободи” ќе предизвика непоправлива штета на неколку генерации ученици. “Околу учебниците имаме три моменти. Првиот момент е дека се уште во многу учебници остануваат грешките, лошите наставни содржини како и нискиот степен на квалитет на некои од наставните единици. Ова се однесува на учебниците издадени изминатите неколку години. Вториот момент е поврзан со процедурите за измени на во учебниците како и печатење на учебници кои досега воопшто не биле подготвени. Како е можно ова да се одолговлекува и да се прави непоправлива штета на неколку генерации ученици. Кој ќе ја сноси одговорноста за ова? Третиот момент веројатно ги дава одговорите на сите прашања, тоа е поврзаноста на образованието со финансии од буџетот на Владата на РМ. Како е можно да се потрошат 7 милиони евра, а да не се реши ниту еден од овие проблеми. Какви се тие изјави за нови учебници, а се работи само за допечатување на неколку изданија. Исто така,  како е можно само за неколку учебници од фамозниот проект „Кембриџ“ да бидат потрошени неколку милиони евра. Дополнително, за процедурите и одобрувањето на учебниците  се уште се водат судски постапки за некои од тендерите”-вели проф.Атанасов. Учебниците додава тој,   се само еден дел од наставната програма, но доколку тие не чинат, тогаш штетите се ненадоместливи. “Има и многу други фактори од кои зависи квалитетот на наставата. Но, Власта како и во многу други сектори се вмеша и во системот на печатење на учебници, па затоа главните бизниси ги добиваат една-две фирми. Учебници печатат фирми блиски до власта а во некои случаи и фирми каде има роднини на функционери од Министерството за образование. Што да ви кажам, по се што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направија во образованието изгледа најблиску е паролата „Партијата е и сила и моќ“. Образованието денес е на најниски гранки споредено од  1945 година наваму”-потенцира претседателот на Комисијата за образование на опозициската СДСМ. Изјавата на министерот за образование дека образованието не треба да биде во прв план во наредниот период, според него е многу индикативна, бидејќи како што вели кажува дека Владата нема со што да се пофали во образовниот сектор, за измените во законите нема никој добар збор, а лошите законски решенија дополнително  го урнисуваат образованието. “Изјавата за одложување на важноста на неколку законски решенија е само бегство од стварноста. Како тоа законските решенија за кои не бомбардираа со години сега се ставаат вон сила? Па ако не се добри законските решенија нека ги укинат. За што да зборуваме во наредниот период, за климата на Гренланд ? Како тоа образованието не треба да биде во прв план во изборна година? Токму образованието ќе биде во прв план, затоа што конечно треба да се стави точка на овие лоши законски решенија и девастирачки политики”-додава проф. Атанасов. И покрај реакциите на учениците, родителите, професорите и експертската јавност надлежните не ги  следат и не ги  истражуваат учебниците откако ќе бидат одобрени за употреба во наставата и грешките остануваат во секое следно издание. Па така наместо вертикален приод и анализа, учебниците нудат само парафрази и со тоа остануваат  под нивото на учениците на кои им треба провокација  да размислуваат.  “Чие е образованието, на политичарите или на учениците, наставниците, студентите и професорите. Кој тоа си играше образование со промашени и пропаднати проекти. Ајде да видиме што се оваа власт расипа во образованието? Ајде да видиме колку пари и за што се потрошија? Кој тоа вршеше притисок со закани и казни врз наставниците? Кој си играше инспекциските надзори како и сеење страв со резултатите од екстерното тестирање? За ова ли не смее да се зборува како што ни предлага Владата”-нагласува универзитетскиот професор. Образованието вели  е  зрело за радикални промени за кои се  потребни  анализи и сосема нови закони, за да се исправат грешките. Опозицијата во наредниот период најавува дека  ќе понуди добри и издржани законски решенија и проекти за подобро образование, но  најпрвин, објаснува Атанасов,  вработените во образованието треба да се заштитат од самоволието на власта. С.Б.
Слично

Поврзани вести