Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРЦИТЕ РЕДОВНИ МУШТЕРИИ: Што ги „мами“ на југот од Македонија?

ГРЦИТЕ РЕДОВНИ МУШТЕРИИ: Што ги „мами“ на југот од Македонија?

Грците се редовни муштерии со години наназад во градовите на југот од Македонија, а ги „мамат“ ниските цени на производите и услугите.

Најчесто во Дојран и Гевгелија доаѓаат на стоматолог за поправка на заби, за купување на облека, намирници, бензин, но и за посета на фризерско – козметичките салони во овој регион.  Наплив на луѓе од соседна Грција претежно има во четврток кога е пазарен ден, но и преку цела недела за купување на она што им е неопходно.

„Секој ден во ординација имаме по десетина Грци. Откако почна оваа „криза“ околу името во последно време забележувам помала посетеност, но сепак ги има. Да се поправат забите овде е многу поевтино за разлика од кај нив. Ние во градот имаме 4 стоматолошки ординации, што е многу за граѓаните кои живеат овде, но имаме пациенти од Грција. Таму каде има казина, има и Грци и доаѓаат токму во тие градови“ – велат од стоматолошка ординација во Дојран.

Слично е  и во соседната Гевгелија.  Гевгеличани раскажуваат дека без приливот на пари од грчките муштерии градот ќе замре, а локалната економија ќе биде во колапс. Додаваат дека Грците најчесто кај нив купуваат овошје, зеленчук, ручаат во некој од рестораните и си одат.

„Грците доаѓаат  од пограничните региони, купуваат храна, гардероба. Имаме профит од нив, градот живее од нив, нашата економска состојба е таа што сите ја знаеме, сведени сме на нула и ако не се тие, ние би биле „мртов“ град како Неготино, Радовиш, би биле катастрофа. Ова трае повеќе од 10 години. Во лето доаѓаат помалку заради гужвите на граница. Границата е пречка затоа што некогаш мора да чекаат и по два часа пример за да си одат во Поликастро. Доаѓаат и за маникир, педикир, потстрижување во салоните. На одење си ги полнат резервоарите на автомобилите. Нашето месно население доста знае англиски, има и дел што знаат грчки, но има и Грци кои зборуваат македонски јазик и така се разбираме“ – објаснува  сопственичка  на дуќан во Гевгелија.

Таа додава дека тој што решил да пазарува во Македонија не доаѓа за да „бистри“ политика.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести