ГРЦИТЕ ДОАЃААТ ВО ГЕВГЕЛИЈА, АМА НЕ ОДАТ ПО БУТИЦИ: Зошто избегнуваат шопинг?
Гевгеличани велат дека Грците доаѓаат во градот, но не практикуваат да посетуваат бутици и да купуваат облека и обувки како пред десетина години. Оние кои поседуваат бутици објаснуваат дека инфлацијата си го направи своето, а некои работи кај јужниот сосед се дури и поевтини и на грчките граѓани не им се исплати да ги набавуваат од Гевгелија. Додаваат дека Грците одат во казината, во стоматолошките ординации, дел ги посетуваат рестораните, но поретко купуваат храна, а облека скоро и да не земаат.
„Последниве две години ги нема Грците да доаѓаат како порано во Гевгелија на шопинг. Одат во стоматолошките ординации, на прошетка, но на шопинг не, оти им е скапо. Мислам дека инфлацијата придонесе за тоа и од април 2024 година, драстично се почувствуваа промени. Грчките граѓани ги посетуваат казината, но во рестораните сега поретко ги гледам. Порано многу купуваа облека, па дури и мебел. Комплет се облекуваа во бутиците во градов, купуваа облека за подароци, за свадби. Ги имаше постојано, доаѓаа и за викенди. Во минатото се случуваше дневно по десет муштерии Грци да влезат во мојот бутик. Тој прилив што го нема сега многу ни прави штета. Нашите луѓе ги нема доволно, некои се во странство, некои купуваат онлајн и состојбата е жална. Ако продолжи вака ќе бидеме на работ на опстанок“, вели сопственичка на бутик во Гевгелија.
Газдите на дуќаните објаснуваат дека трпат финансиски штети поради намалениот промет. Не се оптимисти дека ќе биде подобро.
„Има намалување и кај набавката на храната. По кафулиња Грците ги има, но порано купуваа многу. Кога ќе дојдеа автомобилите ги полнеа, сега е послабо. Има и наши што одат и купуваат таму. Некои цени кај нив се дури пониски. Не им се исплати да купуваат во Гевгелија. Дури кај нив има евтина кинеска облека и кога одиме на одмори, гледаме дека има фустани за 10 евра, а кај нас се поскапи. Облека кај нас скоро и да не купуваат, Грк не влегува во бутик. Дури и нашите сопственици на бутици одат да купат роба во Солун, во магацините. Овде Грците доаѓаат најмногу за забава, да седнат, да се напијат кафе, храна ретко купуваат, а облека не купуваат. Ситуацијата со текстилот и со бутиците е катастрофа, многу затворија. Продажбата на облека се сведе годишно да има 3-4 месеци работа, другото е нула. Јуни-јули и октомври-ноември има работа, а другите месеци луѓето многу помалку купуваат облека. Во последниве 20 години, мислам дека најтешко е сега и ќе биде и потешко. Многу луѓе ќе се откажат, ќе затворат и ќе мораат да одат некаде да работат за плата“, додаваат од бутик во Гевгелија.
Во декември лани, Државниот завод за статистика(ДЗС) регистрирал 3.438 посетители од Грција, но тие се зад Турците, Бугарите и Србите по бројност. Пред повеќе од десет години, на месечно ниво се случуваше бројот на грчки туристи да биде поголем од бројот на српски и турски туристи. Ваква беше состојбата во март 2013 година.
Според општинските статистики објавени пред 8 години, за викендите во Гевгелија тогаш доаѓале и до 5.000 Грци. Голем прилив имало во четврток кога е пазарен ден. Во минатото и за Нова година имаше многу Грци во градот.
Сања Атанасовска