Грција со официјален протест до НАТО заради употребата на „Македонија“
Бес и непријатност почувствувала грчката делегација на самитот на НАТО во Кардиф, Велика Британија кога шефот на македонската дипломатија Никола Попоски бил најавен како „министер за надворешни работи на Македонија“, пишуваат денеска грчките медиуми.
Според „Катимерини“ и „Прото тема“, грчката делегација ова го оценила како „несреќен инцидент“ и веќе подготвува формален протест кој ќе го упати до НАТО и до Велика Британија како организатори на самитот.
Притоа се потсетува дека Лондон веќе подолг период го користи името Македонија наместо „поранешна југословенска република Македонија“.
Дел од медиумите оценуваат дека не станува збор за грешка на најавувачот туку за притисок врз Грција во врска со прашањето за името што го кочи приемот на Македонија во НАТО. Според „Авги“, се очекува грчкиот премиер Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос да се соочат со засилен притисок во Кардиф во врска со спорот околу името, особено од германската канцеларка Ангела Меркел која ова прашање го постави како приоритет и на неодамнешниот состанок со лидерите од земјите од Западен Балкан.
Грчките медиуми очекуваат прашањето за името на маса да го постави и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска треба да има билатерална средба со Самарас.
И покрај политиката на Алијансата, која за Македонија ја користи привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, официјалниот спикер вчера во Кардиф го најави Попоски користејќи го уставното име на државата, по што шефот на македонската дипломатија се поздрави со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и со британскиот премиер Дејвид Камерон.
(ВИДЕО) ФИРОМ стана Македонија на самитот на НАТО, Грција подготвува протест
Слично
