Грција нема да бојкотира: Законски ќе можеме да купуваме станови и акции во странство
Македонците ќе можат да купуваат куќи, станови и други недвижнини во странство, но и акции во странски компании и од странски фондови, набрзо. Она што досега беше законски забрането ќе биде овозможено поради тоа што Македонија влегува во втората фаза од стабилизацијата и асоцијацијата со Европската Унија. Одредбите кои го менуваат ова правило се во Законот за девизно работење, во кој е напишано дека граѓаните немаат право да купуваат акции и станови и куќи надвор се до истекот на првата етапа од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Меѓутоа, Владата веќе соопшти дека таа етапа е завршена, а Грција нема да се противи на стартот на втората фаза што значи дека и можноста за купување недвижнини надвор веќе ќе биде овозможено. Засега нема детали кога точно формално почнува, но сите институции кои се вклучени потврдуваат дека тоа ќе се случи набрзо.
Повеќе во недвижнини
Од Народната банка за Фактор велат дека со формализирањето на влезот во таа втора фаза и физичките лица од земјава ќе можат да вложуваат во недвижнини, да регистрираат во странство домашни хартии од вредност и удели од резидентни инвестициски фондови без претходно одобрение од Комисијата за хартии од вредност. Од друга страна ќе можат да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство и ќе можат да издаваат и регистрираат странски должнички хартии од вредност со рок на доспевање над три години во Македонија.
„Oвие одредби, во суштина означуваат поголема слобода за домашните резиденти во поглед на начините со кои ќе можат да располагаат со својот финансиски и нефинансиски имот, односно зголемување на расположливите инвестициски алтернативи за резидентите.Од наведените трансакции коишто ќе бидат предмет на либерализација, искуството покажува дека интересот на јавноста е првенствено насочен кон трансакциите со странски недвижности и евентуално со одредени категории на странски хартии од вредност“, велат од Народна банка.
Оттаму сметаат дека од второстепено значење ќе бидат либерализирањето на издавањето на домашни хартии од вредност во странство и издавањето на странски хартии од вредност во Македонија, главно поради слабиот интерес на граѓаните воопшто за издавање на хартии од вредност, но и поради скромниот степен на развој и мал абсорпциски капацитет на домашните финансиски пазари.
Уште деталите
Инаку изработката на евентуалните измени на Законот за девизно работење, заради прецизирање на новините со влезот во втората фаза на Договорот е во надлежност на Министерството за финансии. Сепак оттаму засега не дадоа мислење.
Се тврди дека за да почне да се купуваат акции и недвижнини во странство ќе треба освен измените и да се донесе заклучок со кој ќе престане да важи сегашната одлука за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка. Сите овие измени ќе бидат донесени и ќе стапат во сила по формалното започнување на втората фаза.
Ограничувањето за вложувањата надвор и можноста за либерализација беа вметнати како преодни и завршни одредби на законот за девизно работење каде јасно е разграничено дека со влезот во втората фаза од тој процес веќе нема ограничувања.
Пред еден месец Владата соопшти дека ја усвоила информацијата за премин во втора фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијацијамеѓу Република Македонија и Европската Унија. Владата ги задолжи надлежните министерства и другите органи на државната управа, кои се засегнати со преминот во втората фаза на Спогодбата, да направат анализа и да дадат најнов пресек и статус на соодветните одредби. Одлуката на Владата дошла откако била испратена вербална од Канцеларијата за врски на Република Грција до Министерството за надворешни работи на 23 февруари годинава, во која се информира дека Грција нема резерви во однос на преминот на Република Македонија во втора фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
А.Т.