Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грција најави нови мерки за „Евзони“ по долгите чекања на патниците

Грција најави нови мерки за „Евзони“ по долгите чекања на патниците

Грчките власти најавуваат зајакнување на информатичките системи и привремени технички решенија за побрз проток на патници и возила.

Грчките власти најавија нови мерки за олеснување на сообраќајот на граничните премини „Евзони“ кон Македонија и „Кипи“ кон Турција, по зголемените задржувања што се поврзуваат со примената на европскиот систем за влез и излез, познат како EES.

Одлуките биле разгледани на состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за Македонија и Тракија, Константинос Гулекас. На состанокот учествувале претставници на полицијата, царината, локалните власти и други надлежни служби.

Според официјалното соопштение, мерките се насочени кон дополнително зајакнување на информатичките системи, со цел побрза обработка на контролите. Се разгледува и можност за привремени технички решенија во инфраструктурата, кои би помогнале за полесен проток на патници и возила.

Гулекас посочил дека туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција постојано расте, а новите биометриски проверки создаваат дополнително оптоварување при полициските контроли. EES од 10 април 2026 година е целосно оперативен во Шенген-зоната и ги заменува печатите во пасошите со дигитална евиденција за влез и излез на патници од земји надвор од ЕУ.

Специјални тимови требало да излезат на терен на „Евзони“ и „Кипи“ за да ја разгледаат непосредната примена на мерките. Според грчкото соопштение, тимови со претставници од администрацијата, полицијата, царината, регионалните власти и општините биле најавени за посета на двата премина.

Од македонска страна, АМСМ во дневните информации наведува дека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Сепак, патниците кои одат кон Грција треба да предвидат дополнително време, бидејќи задржувањата може да се појават на грчката страна од преминот, особено кај автобуси и организирани групи.

Проблемот со „Евзони“ станува особено чувствителен пред почетокот на летната сезона, кога голем број македонски граѓани патуваат кон грчките туристички места. Главното прашање е дали најавените технички мерки ќе го забрзаат протокот пред најфреквентните викенди и туристички смени.

Слично

Поврзани вести