Економија, финансии, бизнис

Контакт

Драги Македонци, а особено Руси: Ако имате доволно евра, добредојдовте во Грција!

Драги Македонци, а особено Руси: Ако имате доволно евра, добредојдовте во Грција!
Цени на апартмани, храна, пијалок. Колку ќе Ве чини одмор во Грција?  Екипата на Фактор одбра една дестинација за да Ви ја долови сликата, но и цените. За оние кои Грција ја одбрале како место за годишен одмор, но се уште не одлучиле каде ќе се сончаат, и за оние кои можеби се двоумат меѓу изборот на дестинациите, Ви презентираме едеа слика која е само мал дел од многубројните грчки места за летување. Цените за сместување во апартманите во Калитеа почнуваат од 45 евра за двајца, 50 евра за тројца,  60 евра доколку во апартманот се сместат четворица. Овие цени се за апартмани лоцирани на пет минути пешачење од центарот на Калитеа, како и пет минути пешачење односно симнување по скали до плажите. Секако за апартманите и хотелите лоцирани на плажите, цените се многу повисоки. Но, во тој случај на плажа ќе бидете за една минута, но ќе треба да пешачите до центарот ако сакате некаква забава во вечерните часови. Разлики има и во цените на лежалките. „Па така, ако сакате од зраците на сонцето да се криете со чадори од трска, тоа ќе ве чини поскапо. Односно за две лежалки со чадор ќе платите 8 евра. А веднаш до нив се лежалките со обични чадори.  За нив пак ќе платите пет евра“.  Секако денот не поминува најмалку без едно фрапе, чија цена речиси е унифицирана и изнесува 3 евра, а добивате и вода. Руси, Македоници и Срби – тоа се најчестите туристи кои ќе ги сретнете на плажите. И секако,  во добар дел на плажите како туристи ги има и Грците.  А, келнерите на плажите и кафулињата, се од различни страни на светот. „На една од плажите, кафето ќе го нарачате кај келнерката од Јамајка, која со својот маж во потрага по подобра заработка е на сезонска работа во Грција. Во Октомври се враќа назад во својата татковина, а секако повторно планира да дојде следното лето. Кафето што кај неа ќе го нарачате, ќе Ви го донесе келнерот од Бугарија. Ако сте од Македонија, со него не мора да зборувате на англиски бидејќи ќе Ве разбере и на македонски. Но, затоа што јазикот го совладува од својата девојка од Македонија, која исто така е на работа во Грција.“ И секако, оставен е еден помал дел од плажата за оние кои ќе одлучат да не плаќаат за лежалки, кафиња и пијалоци, туку сами ќе си донесат чадори, ќе постелат пешкири а храната и пијалоците ќе ги понесат во фрижидерче. Со оглед дека тој дел е веднаш до делот наменет за спортски активности, како што е одбојка, постојано ќе бидат на удар на топката, на оние кои темниот тен сакаат да го добијат играјќи одбојка или тенис на плажа.  Во маркетите, единствено поевтино од Македонија може да купите вода. Другите производи, да бидеме искрени се поскапи. „Шише од пола литро чини 0,15 евра. Истата вода на плажа ќе ја платите 0,50  евра.  А во најголемиот дел од кафичите и дискотеките – покрај пијачките водата ја добивате бесплатно.“  Останатите цени се двојно повисоки од цените во маркетите во земјава, но кога станува збор за помалите маркети во Грција. Доколку станува збор за маркети од типот на Лидл, тогаш цените се нешто малку поголеми, на одредени производи, а може да се сретнат и цени кои се поевтини од македонските. И доколку сакате да јадете овошје, додека уживате во морето - има две опции. Едната да нарачате од келнерите. Другата, поевтина опција е да го купите од оние што продаваат на кило „Па така ако порцијата овошје од келнерот ја добиете за околу 4 евра, од продавачите на свежо овошје за 1 евро ќе добиете за еден килограм праски, а за 3 евра ќе купите десет килограми лубеница. “ На плажите на Калитеа, нема интернет. „WI-FI единствено имаат имаат плажите на хотелите, но тешко дека ќе го добиете пасвордот ако не сте гостин на хотелот. “ Па така, ако сакате интернет додека лежите на плажа ќе мора да го користите вашиот, но тоа ќе значи огромна сметка за теелфон, бидејќи е роаминг.  Во спротивнио, ако не сакате непредвидени трошоци за телефонски сметки по враќањето од одмор, најдобро ќе биде да го користите само интернетот од  апартманот во кој сте сместени. Генерално, речиси сите апартмани имаат интернет. Забава во вода За десет евра од човек може да изнајмите педаљинка и со неа еден час да уживате во тиркизното море, малку подалеку од песочните плажи. Или да одберете да се возите врзани за глисер, што за седум минути ќе Ве чини десет евра. Туристичките агенции нудат тури, полудневни прошетки до неколку острови за цени од 30 до 50 евра, со ручек на брод. Но и опција да Ве однесат до Аква Паркот во Солун за цена од 30 евра. Тоалети Тоалетите на плажите не се на завидно ниво. Но, секако може да се користат тоалетите на хотелите покрај плажите. Во кафулињата пак, може да останетете заклучени во тоалетот оти е можно да се расипе вратата или да налетате на некоја невкусна шега на некој турист, па најдобро е со себе да го имате телефонот. Се разбира како мерка на претпазливост. Грците во битка за парите на руските туристи Она што нема да остане незабележано во ова мало место е знакот на MEXA. Тоа се продавниците за кожни и крзнени бунди.  „Иако е лето и сите на нив имаат што е можно помалку облека, сепак на секој чекор ќе ги сретнете овие продавнички чии излози се преполни со разни модели на кожни и крзнени будни со цени кои почнуваат од 50 евра. Речиси на секој излог стои знакот дека се е на попуст.“ Грците се во трка за парите на руските туристи. Освен на грчки јазик, во овие продавнички натписите се напишани и на руски јазик. Но, живоста на Калитеа особено се чувствува во ноќните часови. Мини Луна Парк за најмладите. Сендвичарите и таверните со различни цени. Зависно каде ќе седнете. Но,  за каламари ќе платите 10 евра, зелена салата чини околу 3 евра, помфрит е три евра, а грчкото гиро најчесто со унифицирана цена од 2,5 евра. А за оние кои сакаат пореласкирана журка тука се кафулињата. Работат до три часот наутро, кога журката продолжува во дискотеките. Мохитото во кафулињата ќе го добиете за пет евра, но само ако се нарача до 23 часот, бидејќи потоа чини осум евра. Пивото чини четири евра, а ако се решите за ладен чај, тогаш тоа ќе чини  три евра. Но, со оглед дека ова мало место живее само во текот на летото, сопствениците на баровите во трката за профит, наоѓаат различни начини да привлечат што повеќе туристи да седнат токму во нивниот локал. Па така некој од нив се одлучиле да платат персонал, еден човек кој ќе биде задолжен токму за привлекување на туристите на пијачка во локалот. А, тој менаџерот, користи се што има како адут за да Ве седне, од насмевка, преку љубезен збор, па се до цените....Ист е односот кон сите , баби и дедовци, брачни парови со деца, но и со младите сеедно на кој пол му припаѓаат, машки или женски. Важно е да успее да Ве седне во локалот. Во оваа задача, некои се помалку, а некои од менаџерите повеќе успешни. Еден од нив е и менаџерот на сликата, од чиј поглед јасно се гледа дека очите се ширум отворени во лов по туристи кои ќе седнат во кафулето. Тој за Фактор вели оти не му е важно од каде се туристите кои доаѓаат, важни му се две работи. Во  локалот што го менаџира да седнат што повеќе туристи и второ, тие да бидат задоволни, за повторно сами да дојдат следниот ден, додека се на летување. А можеби и следната година. Дискотеките пак се сосема друга приказна. Влезот ќе Ве чини десет евра, но ќе добиете и пијачка за тие пари. На следниот линк може да погледнете една од дискотеките во Калитеа. http://www.youtube.com/watch?v=Qf-fbBEr-ms Калитеа, оддалечена 94 километри од Солун значи "убав поглед“.  Ова туристичко место е основано во 1922 година од страна на бегалци од Мала Азија. Екипата на Фактор ја напушти Калитеа,  најмалото космополитско место на Касандра - првиот крак во Грција, со позитивни впечатоци и со по некоја забелешка пред се во однос на отсуството на интернет по плажите и  јавни тоалети кои се во незавидна состојба. Сепак, со многу љубезност од домаќините кон туристиет. Особено кон руските. Домаќините можеби не се наклонети со преголеми симпатии кон македонските туристи, но тоа нема да Ви го покажат јасно, пред се затоа што своите евра ги трошите во нивните маркети, кафулиња, таврени, дискотеки, хотели, апартмани – и затоа во тие четири месеци сите туристи се гледаат низ призмата на еврото. С.Н.
Слично

Поврзани вести