Грчките власти со план за нова даночна реформа
Нова даночна реформа предлага грчкото Министерство за финансии, според која годишните доходи над 26 илјади евра ќе се оданочуваат со 45 проценти данок, јавуваат локалните медиуми.
Предлозите ќе бидат разгледани на средбата на претставници на трите партии што се во грчката коалициска Влада што ќе се одржи утре.
Претходно имаше предлог за данок од 45 проценти на доходите над 48 илјади евра.
Но, според новата скала, доходите на вработените и пензионерите до 18 илјади евра ќе се оданочуваат со 21 процент, доходите од 18 до 26 илјади евра со 26, а сите суми над 26 илјади евра ќе плаќаат данок од 45 проценти.
Во исто време се разгледува и зголемување на помошта за семејствата со три и повеќе деца, и намалување на помошта за семејствата со едно или две деца.
Грчките медиуми плановите на Владата ги нарекуваат „даночна бомба“, затоа што првично за доходите од 25 до 48 илјади евра се предвидуваше данок од 26 проценти, и соодветно на тоа повисок данок за доходите над 48 илјади евра годишно.
Слично
