Грчките банки ќе отворат за пензионерите
Грција ќе отвори 1.000 филијали на банки од утре до крајот на неделава, за да може да се исплатат пензиите на пензионерите во земјата, кои не користат банкомати.
Ова го соопштиле од Министерството за финансии.
Банките ќе останат затворени за сите останати услуги до 6 јули, како дел од мерките на Владата за заштита на банкарскиот систем од колапс, откако Европската централна банка (ЕЦБ) ја замрзна финансиската поддршка потребна за обезбедување на ликвидноста на грчките банки.
Независно од можноста за влечење на ограничени средства од банкоматите, многу постари луѓе без кредитни или дебитни картички во Грција не можат да ги добијат своите пензии. Тие сепак ќе можат да добијат само до 120 евра оваа недела.
Од Министерството за финансии повторно потврдија дека банкарските депозити ќе бидат непроменети по неделниот референдум за прифаќање на условите на спасувачката програма предложена од кредиторите на Грција.
