Грчки земјотрес ја „стресе“ и Македонија
Земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтеровата скала го погоди денеска грчкиот остров Кефалонија. Епицентарот на земјотресот бил во местото Ликсурион, на западниот дел на островот, но бил почувствуван дури и до Атина, како и во соседните држави на Грција - Македонија и Албанија.
Потресот попладнево го почувствувале и жителите на Охрид и на Битола.
По силниот земјотрес кој ги исплашил жителите на Кефалонија, биле почувствувани уште неколку послаби земјотреси. Според првичните информации, земјотресот предизвикал материјална штета, оштетени се повеќе куќи и објекти во гратчето Ликсури, на 6 километри од епицентарот, а во прекин е и снабдувањето со електрична енергија во северниот дел од Кефалонија.
За сега нема информации за евентуални жртви или целосно разрушени објекти, но земјотресот предизвикал одрони на карпи и лизгање на земјиштето во одредени делови на островот.
Жителите на Кефалонија се вознемирени, бидејќи потресот ги потсетил на силниот земјотрес со јачина од 7,2 степени по Рихтеровата скала, кој го погоди островот во 1953 година и во кој животите ги загубија стотици луѓе.
Слично
