Грчки ППЦ незадоволни од ЕДС, поранешната фирма на Анѓушев: Не им носела пари
Голема загриженост има кај грчката компанија за производство со електрична енергија ППЦ (Public Power Corporation), за работата на подружницата во Македонија, пишуваат грчките медиуми. ППЦ од 2018 е сопственик на ЕДС, компанијата за трговија со електрична енергија која до тогаш ја поседуваше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Тој им ја продаде заедно со подружниците во Југоисточна Европа по потпишувањето на договорот во Преспа за 4,8 милиони евра. Сега, според информациите на медиумиот О.Т. финансиските перформанси на компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија не се воопшто добри, а наместо профит најверојатно ќе носи загуби. Информациите се дека раководството на ППЦ одлучило да ги прекине активностите годинава за да спречи поштетни финансиски последици.
Иако се уште немало таква одлука грчките медиуми дури пишуваат дека се разгледуваат сценарија ЕДС да биде исклучено од конкретната аквизиција.
ЕДС веќе три години е дел од портфолиото на ППЦ. Тогашното раководство на јавното грчко претпријатие, одлучи да ја купи по потпишувањето на договорот од Преспа. Тоа во ГРција предизвика бура од реакции, особено затоа што медиумите пишуваа за политиката зад договорот од аспект дека ЕДС е на Анѓушев. Во билансот и тогаш македонската компанија беше во загуба за претходните години 2017 и 2016 година.
Главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис на потпишувањето на договорот рече дека ЕДС е исклучителна компанија која за неколку години, под инспиративното раководство на Анѓушев и со својот високо професионален тим, се развила и станала значајна компанија за трговија со електрична енергија.
„Со поддршката од ППЦ и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето, рече Панајотис.
Инаку тогаш беше соопштено дека ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е исто така сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала „ХЕДНО", како и ППЦ Обновливи извори - една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори. Покрај тоа, ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија. ППЦ неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.
