Грчки медиуми: Изборите само изговор за да не се реши името
Медијаторот Метју Нимиц се повикува на претстојните избори во Македонија и Грција за да го оправда фактот дека во разговорите за разликите околу името нема никаков напредок, пишува грчкиот весник „Прототема“ по денешната средба на посредникот со преговарачите на двете земји Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Нимиц по средбата најави дека разговорите за името ќе продолжат дури откако во Македонија ќе завршат претседателските и парламентарните, а во Грција изборите за Европскиот парламент.
„Изборите се користат за да се оправда фактот што нема напредок и тоа најмногу поради неподготвеноста на Скопје и на премиерот Никола Груевски да се повлечат од својот бескомпромисен став“, пишува весникот.
Грчките медиуми по средбата во Њујорк ја пренесуваат изјавата на Нимиц, а особено се фокусираат на делот во кој медијаторот нагласува дека „Обединетите нации се местото каде што двете земји се чувствуваат удобно да ги продолжат разговорите“.
Слично
