Грчката полиција упадна во ЕРТ
Рано утринава грчката полиција за брзи интервенции упадна во зградата на поранешната државна телевизија ЕРТ и од неа протера повеќе десетици демонстранти, кои во овие простории се наоѓаат уште од јуни, кога владата во Атина реши да го укине овој јавен сервис, соопшти полицијата.
За време на интервенцијата дошло до судир меѓу полицајците и демонстрантите кои се забарикадирале во еден дел од зградата и го блокирале нејзиниот влез. Од стана на полицијата е употребен и солзавец со цел да ги растера демонстрантите, уапсени се и двајца поранешни работници на телевизијата и двајца членови на синдикатот.
Претставникот на вработените во ЕРТ, Никос Цимбидас, изјави дека е уапсен и појасни дека полицијата влегла во сите простории на зградата и од таму избркала околу 200 лица, кои протестирале против полициската акција.
Пред зградата на ЕРТ, што се наоѓа во северното предградие на Атина, Агија Параскева, почнаа да се собираат граѓани во знак на поддршка на вработените во оваа телевизија.
Изненадувачката одлука на владата во Атина за гаснење на сигналот на ЕРТ во јуни и отпуштањето на сите 2.600 вработени, во обидот да им се излезе во пресрет на барањата на финансиските инспектори од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, шокираше многу граѓани во Грција, а премиерот Антонис Самарас го чинеше загуба на еден од коалициските партнери.
