Економија, финансии, бизнис

Контакт

Грчева: Новиот универзитет е за измислени професори и дипломи без вредност

Грчева: Новиот универзитет е за измислени професори и дипломи без вредност
“Не постои држава на светот, толку мала како нашата, каде секое дете може да студира во радиус од 30-тина километри. И пред оваа хистерична дисперзираност на секое дете му беше достапно студирањето. Каде тоа во светот постои феноменот, да онаму каде сте се родиле или живеете треба и да студирате? Напротив, се оди во центри кои пружаат академска атмосфера, живот, дружба, библиотеки, академска инфраструктура. Се разбира тоа државата треба да го субвенционира. Значи не се работи за достапност, ниту се работи за некакви реални потреби. Ние имавме и досега премногу државни и приватни универзитети по глава на жител. За жал пропорционално на нивниот број опаѓаше квалитетот. Имаме дипломи без вредност, измислени професори кои никаде не би можеле да ја носат таа титула, осакатени студенти полни со “бајато“ теоретско знаење и речиси невозможни услови за практична и поготово не, за научна работа”- вели за Фактор, пратеничката Солза Грчева. Таа беше најборбениот противник во расправата за формирањето на новиот Универзитет и укажа на потребата од анализи, стручни мислења, финансиска конструкција и утврдување на потребата од формирање на новата институција. На оваа невработеност да отворате нови економски и правни факултети, додава пратеничаката  е во најмала рака дрскост. “Ми  беше реплицирано во неколку наврати дека да речеме, не сме имале доволно архитекти. Која лага. Тие половината не работат воопшто во својата струка, бидејќи никој не ги бара. Да, веќе имаме хиперпродукција во многу струки. Знаете, на една здрава економија и требаат и занаетчии, мајстори, техничари, луѓе со средно образование. Конечно, не се сите способни за студирање, ниту амбициозни. Многу млади, повеќе сакаат да се вработат, но не можат. Заробени сме во цел еден комплекс на меѓусебно поврзани системски грешки во образовната политика. За жал, тешко ќе излеземе од нив, а последиците долгорочно ќе не уништуваат”- објаснува Грчева. ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕШЕ ДА БЛОКИРА Поразително е според неа, суштинските законски решенија да се носат по скратена постапка во законодавниот дом. На тој начин вели отсуствува конструктивна расправа и дебата, забелешки, предлози, решенија. Власта според веќе утврдената пракса  и овој пат успеа да ги протне законските измени. “Речиси секогаш законите од областа на образованието, особено најважните како овој, одеа по скратена постапка. Јас секогаш реагирав на тоа. Моментот за донесување на овој Закон за основање на нов Универзитет “Дамјан Груев“, надграден и проширен со уште три факултети, секако не е случајно одбран. Дојде во момент кога најголемиот дел од опозицијата отсуствуваше, а после еден процес на долготрајно опструирање на работата на Комисијата за образование, наука и спорт од страна на истата таа опозиција. Според мене, која сум сосема децидно против основање на било какви нови високообразовни институции, опозицијата добро постапуваше и посегаше по единствените можни деловнички механизми. Но, исто така сметам дека требаше во тоа да истрае. Не можам да разберам зошто ја изгуби шансата да остави зад себе едно добро дело, а тоа е да не се дозволи дополнително девастирање на најважниот систем во една држава: високото образование”- вели Грчева. ВМРО ДПМНЕ ГО МРАЗИ УКИМ Нејасно е вели од каде пратениците од власта ја црпеа огорченоста,  фрустрацијата  и негација кон УКИМ од каде произлегуваат речиси сите академици. Дополнително според неа се направи обид преку девалвирање на работата на поединци да се уништи угледот и позицијата на најстариот универзитет во земјава. “Јас за отворањето на овој нов универзитет јасно кажав дека значи паралелен систем на УКИМ. Дури и го цитирав светски познатиот научник Павле Савиќ, дека ова е “освета на бившите повторувачи“. Потврда дека сум била во право дојде од репликите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Зборуваа со таква фрустрација, полни со очигледна негација кон УКИМ. Зборуваа за корупција, за кланови, за недостапност на сите студенти на УКИМ и што не. Бев вџашена. Од каде извира оваа нивна фрустрација? Од каде овие комплекси? Зборуваа за УКИМ од каде произлегуваат речиси сите академици? За УКИМ, каде ако не се осакатуваше систематски со режирани избори на декани и ректори, со газење по неговата автономија, со кусење на финансиите, можеби сега навистина ќе се наоѓаше рангиран на светските листи. Да, одговорот е дека со ова се сака да се дисквалификува УКИМ. Но, исто така мислам дека тој низ декади разви одбранбени механизми и нема така лесно да се потчини на ниту една политика”- потенцира пратеничката Грчева. Според неа гласот на студентите е најважен во процесот на донесување на одлуки во рамките на академската заедница. Колку за илустрација нагласува дека во развиените земји, работните места на професорите зависат од студенската евалуација, а ниту еден процес на универзитетите не смее да мине без учество на студенти низ разни форми на партнерство.Оттука додава дека  краен момент е да се продолжи процесот за нов Закон за високо образование  бидејќи носителите на образованието треба да се носители и на образовната политика. “А ние од друга страна  избираме Ректор без легитимни студентски претставници. Дури се успеа и студентските лидери во Студентскиот Параламент да бидат прикриени партиски “апаратчици“. Гледав пред неколку години еден таков студентски лидер од УКИМ како се радува на тепањето на студентите архитекти кои протестираа на плоштадот Македонија. Вселен во Ректоратот на софра, далеку од проблемите на студентите кои кутри со разни проблеми му доаѓаа на баци-рака како на Кум. Такви студентски претставници не ни  требаат”- порачува Грчева. ЦЕЛИ ФАМИЛИИ РАБОТАТ НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ Централизираното водење на образовната политика, директно од Владата и од МОН како што вели не само што ја уништува автономијата која е загарантирана во Уставот, туку уште полошо на некој начин ги ослободува и од одговорност универзитетите и факултетите. “Она што го прифаќам е дека имало форми на непотизам кои секогаш ми пречеле. Имало ситуации да понеквалитетни луѓе заземат места на поквалитетни. Но, тоа не било правило туку исклучок. А ги прашувам, дали на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип нема роднински врски меѓу вработените?  Да, цели фамилии се вдомени. Одговорно Ви тврдам бидејќи неколку години работев таму како Проректор и професор и бев секогаш против тоа. Конечно, заминав кога ми беше “препорачано“  да потпишам позитивна рецензија за син на професор. Оној кој нема автономија да одлучува за настава, пари, процеси, опрема, квоти итн. секогаш Ве испраќа на друга адреса кога имате проблем. Затоа велам дека имаме комплетно зависно и заробено образование”- вели пратеничката. Земјава според неа веќе е длабоко навлезена во сериозна и тешка политичко-општествена фаза од која излезот ќе мора да се бара преку болни и суштински реформи  со други луѓе кои прво ќе знаат што е модерно, европско образование, а потоа вели  ќе имаат демократски капацитет низ дијалог со академската заедници, посебно со студентите да се носат сите реформи. Штетите кои се досега направени се непоправливи и според пратничката Грчева допрва ќе ги плаќаме. Образованието  е најважниот систем во секоја држава, а без компетентни луѓе, без стратегија  уништеното е неповратно- завршува пратеничката. С.Б.
Слично

Поврзани вести