Грчева и Буралиева ќе учествуваат во работата на собраниските комисии
Собраниската Комисија за избори и именувања ги усвои предлог-измените и дополнувањата на одлуките за избор на претседатели на комисиите на Собранието, нивните заменици, членовите и замениците членови, со што двете пратенички од СДСМ кои одлучија да ги повлечат своите оставки - Солза Грчева и Љубица Буралиева, се вклучија во работата на собраниските тела.
Грчева ќе биде член на комисиите за европски прашања и за образование, наука и спорт, како и заменик член во комисиите за надворешна политика и за труд и социјална политика.
Буралиева е член на комисиите за култура и за локална самоуправа, како и заменик член во комисиите за здравство и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Членовите на Комисијата за избори именувања денеска го поздравија вклучувањето на двете пратенички во работата на собраниските тела.
„Сакам да го поздравам овој гест со кој двете пратенички покажуваат политичка зрелост и натпартиско чувство, ставајќи ги државните интереси пред личните и на партијата“, рече Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонската опозиција да изнајде сили за враќање во Парламентот. Не само што и е тука местото, туку и треба на демократијата воопшто, за расправа, за соочување со актуелната и ситуациите што претстојат“, истакна Џеват Адеми од ДУИ.
Вклучувањето на двете пратенички во работата на собраниските комисии беше усвоено едногласно.
Слично
