Границите како швајцарско сирење, а полицајците глинени гулаби!
Исплаќање на личниот доход на граничните полицајци со преполовени дневници е уникат можен само во Македонија и во ниту една друга земја-вели за Фактор, универзитетскиот професор и поранешен разузнавач, Владимир Пивоваров.
Реакцијата на полицајците во граничната полиција од трите станици за граничен надзор, Гошинце, Маздрача и Танушевци според него е логичен чекор на незадоволство, особено ако се знае дека тие работат во услови кои не ги задоволуваат ниту минимум стандардите за работа. Јавна тајна е вели професорот Пивоваров, дека во караулите се испраќаат полициски службеници - професионалци кои не сакаат да играат по нотите напишани од власта, а цената која треба да ја платат како “неподобни” е денешната состојба во која се наоѓаат.
“Средствата за работа се равенство на нула. Неможе да се заштити ниту една граница со патролирање. Денеска постојат најсовремени електронски помагала кој може да го детектираат секое илегално минување на граничната линија а со такви средства МВР не располага. Ако странските експерти за нашата северна граница во потегот со Косово велат дека е како швајцарско сирење јас не би се сложил. Овој потег на државната граница не е ни швајцарско сирење туку слободна зона за проток на луѓе и стоки кој ја генерираат сивата економија во Република Македонија. Досега немаме забележано од активностите на МВР спречување на нелегални минувања на државната граница ниту пак одземање на стоки кои илегално во контигенти влегуваат од Косово”-вели проф. Пивоваров.
Оттука додава дека е потребно брзо решавање на проблемот, особено поради фактот што овие станици за граничен надзор имаат суштинско и стратешко значење за земјава и зачувување на безбедноста, а со тоа носат посебен степен на ризик за вработените кои треба да бидат наградени, а не практично казнети што го чуваат мирот и безбедноста на границата.
“Основно е да се создадат предуслови за нормално функционирање на граничната полиција пред се преку нејзино кадровско професионализирање, соодветно наградување и набавка на електронски средства. И оние малкуте електронски средства со кои располагаме како што се беспилотните летала не ги користиме а прашање е зошто и кој и чиј е интересот за аквото постапување. Колку ми е познато од предавањето на караулите во 2004 година од армијата на МВР скоро ништо и не е сторено. Поради ваквата состојба не треба да не зачудува фактот да во последно време имаме влез на наша територија на вооружени групации кои во голема мера се закана за безбедноста. Ако продолжи ваквиот тренд нашите гранични полицајци еден ден ќе станат глинени гулаби за отстрел на некој си вооружени формации” -додава Пивоваров.
Синдикатот според него треба да има клучна улога во носење на сериозни одлуки кои ќе бидат во корист, а не на штета на граничните полицајци. Спорните членови за кои се подготвува претставка пред Уставниот суд и Народниот правобранител како и до меѓународната јавност, според полицајците ќе имаат долгорочни финансиски импликации и врз нив но и врз ресорното министерство.
“Не секогаш синдикатот на МВР работи во интерес на своите членови. Особено во последните години овој синдикат се однесува како партнер на работодавачот. Некако колективниот договор се повеќе е на штета на членовите на синдикатот. Токму ново примените кадри во МВР, а кои се примени не по професионални стандарди како доликува на современа полиција во едно демократско општество, туку како партиски војници несмеат да ги бараат своите права преку нивните синдикални претставници, а единствено се задоволуваат со личниот доход,иако условите за работа им се несоодветни. Оние малкуте останати професионалци од страв мораат да молчат. Затоа денеска синдикатот прифаќа вакви неподносливи услови ки им ги наметнува работодавецот. Претворањето на МВР во социјална институција која преку вработувања по партиски критериум е превработена и немањето на средства во оптеретениот буџет за создавање на нормални услови за работа доведува до вакви решенија кои се на штета на вработените во граничната полиција” -нагласува проф. Пивоваров.
Затоа тој порачува час поскоро надлежните да ја решат оваа состојба и наместо да размислува за казни и штетни колективни договори, да направи економска анализа колку губи буџетот од ваквата сива економија на границата. Логичен е вели, заклучокот дека вреди да се вложат средства во опремување на граничната полиција со електронско технички средства како и наградување на полицајците што од економска гледна точка ќе биде оправдано, а со самото тоа и безбедноста на нашата северна граница ќе биде зголемена.
С.Б.
