„Гранит“ не може да наплати побарувања, но може да „стерилизира“ 45.780 евра во сопствени акции
Зошто во услови кога претставник на менаџментот на „Гранит“ изјави дека имаат проблем со наплата на побарувања за завршени работи од јавниот сектор, компанијата потроши 2,82 милиони денари за 6.000 сопствени акции? Зарем сопствените 6.000 акции се врвен приоритет на „Гранит“? Да не му требаат акциите за да ја брани цената на акцијата од непријателски расположени инвеститори или од шпекуланти? Одлични прашања за претстојно акционерско собрание.
Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ објави дека платила вкупно 2,82 милиони денари (околу 45.780 евра) за да купи 6.000 сопствени акции по цена од 470 денари за акција, пишува во соопштението што компанијата го објави на веб страницата на Македонската берза.
Акциите биле купени на 18 септември, а два дена подоцна Виолета Божиновска, директор за правни работи и член на Управниот одбор на „Гранит“ на една национална телевизија говори за проблемите што „Гранит“ ги има со наплата на долгови за завршени работи со јавниот сектор во земјава.
Дали Божиновска знаела дека фирмата чиј правен сектор го води одвоила околу 45.780 евра за купи сопствени акции? И тоа во временски период кога според нејзината изјава „Гранит“ има потешкотии со наплата на извршени работи чиј нарачател биле единици од јавниот сектор? Дали во период кога наплатата доцни „Гранит“ има вишок ликвидни средства макар биле и 2,82 милиони денари кои може да ги вложи во 6.000 сопствени акции. Всушност тие 2,82 милиони денари се стерилизирани затоа што немаат функција и не носат никаква материјална добивка за компанијата. Тие акции губат право на глас додека се во сопствен откуп и не носат право на дивиденда. Дали е економски оправдано да вложиш 45.780 евра за да заштедиш на дивиденда која не може да достигне и 1.500 евра?
Е тоа некој треба да го објасни на малите акционери во „Гранит“. Секако ако тие прашаат и побараат објаснување.
Воедно со оваа акција „Гранит“ одвоил 2,82 милиони денари од своите ливкидни средства, не за да работи со нив, не за да ги вложи или орочи макар и за камата, туку да ги вложи во сопствени акции. Со нив единствено може да ја брани цената на акцијата на берзата и тоа од непријателско превземење или од шпекуланти кои би се обиделе на кратки позиции да направат ценовни дисторзии за некаква максимизација на сопствен стек кој би продал и претворил во ликвидни средства.
А дали менаџментот на „Гранит“ има такви сознанија па се одличил на потег да купи сега сопствени акции? Многу прашања за мали акционери.
„Гранит“ има релативно уситнета акционерска структура. Двајца најголеми акционери се братот и сестрата Зоран и Ивана, деца на Страшо Милковски претседателот на Управниот одбор на „Гранит“, долгогодишен прв човек и порано најголем поединечен акционер во компанијата. Тие двајва поседуваат 8,2 односно 8,4 отсто од акциите. Трет по големина инвеститор е пензискиот фонд на НЛБ Тутунска банка со 6,4 отсто од акциите со право на глас, а во големите акционери е и странскиот инвестициски фонд „Ист Инвестор“ со 5,5 отсто од акциите.
Р.Ф.
Слично
