„Гранит“ изгубил 24,2 милиони евра приходи од продажба во однос на лани
Приходите од продажба во периодот јануари-септември паднале за 34 отсто од лани, но тоа има занемарливо влијание врз добивката која е само 7 отсто пониска. Секоја акција на „Гранит“ за првите девет месеци носи добивка од 103,5 денари
„Гранит“, во првите девет месеци годинава, изгубил 1,49 милијарди денари приходи од продажба во споредба со истиот период лани, покажува најновиот квартален биланс на успех на најголемата македонска градежна компанија. Според тие податоци во првите девет месеци годинава „Гранит“ има приходи од продажба во износ од 2,86 милијарди денари, а во истиот период лани тие изнесувале 4,35 милијарди денари. Овој податок укажува на голем пад во обемот на работа на македонската градежна компанија во споредба со нејзните работни ангажмани лани. Сепак кај добивката од работење падот на приходите од продажба има многу мало влијание. „Гранит“ во првите девет месеци има добивка од 317,8 милиони денари (5,16 милиони евра). Износот е само 7 отсто понизок од лани кога добивката изнесувала 340,6 милиони денари. Секоја акција на „Гранит“ за првите девет месеци годинава носи добивка од 103,5 денари за акција.
Бројките од билансот покажуваат дека „Гранит“ годинава е речиси целосно фокусиран на домашниот пазар. Од вкупните приходи од 2,864 милијарди денари реализацијата на домашниот пазар изнесува 2,75 милијарди денари што 96 отсто од целосната продажба на македонската најголема градежна компанија.
И покрај тоа што генерално сликата за годинава во споредба со лани не е баш розова особено од аспект на приходите од продажба, сепак менаџментот на „Гранит“ во периодот јули-септември има резултати кои се под просекот на полугодието. Споредбата на податоците за третиот квартал во податоците за првото полугодие покажуваат дека „Гранит“ има приходи од продажба кои се пониски од просекот за тромесечје за првите два квартали. За периодот јули-септември приходите од продажба се 804 милиони денари, а просекот по квартал за првото полугодие е 1,03 милијарди денари. При тоа оперативните расходи во периодот јули-септември пораснале за речиси една милијарда денари до ниво од 3,11 милијарди денари за првите девет месеци годинава. Тие растеле со интензитет што е приближно еднаков за сите три квартали годинава.
Во овој период (јули-септември) компанијата остварила добивка во износ од 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) што е профит за квартал што е повисок од просечниот за првите две тромесечја оваа година.
Р.Ф.
Слично
