ГРАНИТ, БЕТОН СКОПЈЕ И БЕТОН ШТИП: Доминација во градежниот сектор!
„Гранит“, „Бетон Скопје“ и „Бетон Штип“ приходувале 87 милиони евра од јануари до септемврi. Иако нема прецизни податоци, во голема мерка генератор на тие приходи е проектот „Скопје 2014“ во кој се ангажирани овие три компании
Приходите од продажба на домашен пазар на „Гранит“, „Бетон Скопје“ и на „Бетон Штип“ изнесуваат 5,38 милијарди денари (околу 87,3 милиони евра) за првите девет месеци годинава, покажуваат официјалните податоци од нивните консолидирани финансиски извештаи. Кумулативно приходите од домашна продажба на трите компании се на приближно исто ниво од лани. Најголеми приходи очекувано има „Гранит“ најголема домашна градежна компанија, пред „Бетон Скопје“ и „Бетон Штип“. Во значајна мерка приходите на овие компании се генерирани од тековните активности на проектот „Скопје 2014“ во кој тие имаат назначајно учество.
Во тие 5,38 милијарди денари реализирани на домашниот пазар најголемо е учеството на „Гранит“ и тоа изнесува 3,1 милијарди денари (околу 50 милиони евра). Односно повеќе од 57 отсто од целиот приход што трите компании го генерирале на домашниот пазар. Оваа компанија во првите девет месеци годинава ги зголемила за 13 отсто приходите од домашен пазар во споредба со истиот период лани. Карактеристично за „Гранит“ во првите девет месеци годинава е тоа што драматично пораснале неговите оперативни расходи и тоа за 722 милиони денари во споредба со истите во истиот период лани. Најголема расходна ставка на компанијата се услугите со карактер на материјални трошоци (што значи плаќања кон партнери кои ги ангажираат во работата) и таа однела 1,21 милијарди денари што е речиси третина од сите расходи кои изнесуваат 3,83 милијарди денари. Најмногу пораснале трошоците кај расходната ставка трошоци за суровини и други материјали и тоа за 231 милиони денари до ниво од 1,1 милијарди денари. Наспрема растот на расходите за 722 милиони денари, приходите од продажба за овој период пораснале за 356 милиони денари до износ од 3,35 милијарди денари. Оперативната добивка на „Гранит“ е 318,2 милиони денари, а благодарејќи на позитивната разлика меѓу финансиските приходи и расходи нето добивката за трите квартали е 358,3 милиони денари.
„Бетон Скопје“ годинава е на исто ниво како и лани. Сите приходи од продажба се од домашен пазар и тие изнесуваат 1,82 милијарди денари(30 милиони евра). Оперативните расходи на компанијата изнесуваат 1,996 милијарди денари, а најголема расходна ставка се услугите со карактер на материјални трошоци и тие изнесуваат 1,11 милијарди денари и се пониски за 10 отсто во споредба со лани. Оперативната добивка на скопски „Бетон“ е 31 милион денари, а благодарејќи на позитивната разлика меѓу финансиските приходи и расходи нето резултатот за периодот јануари-септември е 57,4 милиони денари.
„Најмалиот брат“ според приходите од продажба е „Бетон Штип“. Тие изнесуваат 479 милиони денари односно 9 отсто од целиот приход од продажба на трите друштва на домашен пазар. Инаку во споредба со лани приходите од продажба на домашен пазар на оваа фирма се намалени за 10 отсто. Сите приходи се од домашен пазар. Нето добивката на „Бетон“ Штип е 43,7 милиони денари и е пониска од оперативната добивка заради негативната разлика меѓу финансиските приходи и финансиските расходи.
Слично
