Граѓаните во домашните банки чуваат 222 милијарди денари
Граѓаните по пролетната депозитна криза ја променија тактиката и почесто се одлучуваат за трансферабилни депозити наместо за останатите депозити. Сега веќе е поголема разликата на останати депозити во странска валута во однос на штедењето во денари, а по кризата денарските депозити класифицирани како останати повратија само 1,2 милијарди денари од изгубените 5,3 милијарди денари.
Граѓаните на крајот на 2016 година во домашните деловни банки чуваат 3,6 милијарди евра односно 222 милијарди денари, покажуваат најновите официјални податоци на Народната банка, објавени деновиве. Статистиката генерално покажува две работи: прво, благ и умерен раст на депозитите што означува дека се враќа довербата по пролетниот шок кога многу депозитит беа извадени од банките и второ раст на трансферабилните депозити кои граѓаните ги бираат пред останатите депозити. Многу веројатно е дека објаснувањето лежи во психологијата дека подобро решение се трансферабилните депозити од останатите депозити и тоа е веројатно заради полесната можност за подигање на средствата секако ако дојде потреба за такво нешто.
Вратено нивото на влоговите во странска валута
Достапните податоци покажуваат дека нивото на влоговите во странска валута класифицирани како останати депозити во банките на крајот на декември лани е повисоко од нивото на влогови во март 2016 пред да почне пролетната паника во која граѓаните извлекоа повеќе од една милијарда денари во странска валута од банките. Нивото во март беше 85,34 милијарди денари (во странски валути), во април е за една милијарда денари пониско, по што следува мај во кој се извлечени уште 388 милиони денари во странска валута. Тогаш трендот запира и состојбата се свртува и започнува тренд на континуиран раст од јуни до крајот на декември 2016 година кога нивото на останати депозити во странска валута достигнува 85,986 милијарди денари во странски валути. Мора да се има во предвид дека е можно во значајна мерка овој раст да се должи и на зголемувањето на вредноста на американскиот долар во однос на нашиот денар. Солиден раст и тенденција на зголемување бележат и депозитите во странска валута кои се класифицирани како трансферабилни. Имено состојбата во јануари 2016 година е 17,09 милијарди денари кои се чуваат во странска валута, а на крајот на годината состојбата е 3,5 милијарди денари повисока и достигнува 20,59 милијарди денари кои граѓаните ги чуваат во странска валута.
Транферабилните депозити во денари пораснале за 18 отсто!
Убедливо најголем процентуален раст бележат депозитите во денари кои се класифицирани како трансферабилни. На крајот на годинава тие достигнале ниво од 36,164 милијарди денари и бележат раст од 5,5 милијарди денари во однос на јануари 2016 година. Сепак нивниот раст е драстичен на преодот од ноември во декември кога пораснале за над 4 милијарди денари. Од достапните податоци не може да се извлече заклучок за тој драстичен пораст на оваа категорија депозити.
Втора по големина ставка во штедната структура на граѓаните се денарските депозити класифицирани како останати депозити. Кај оваа ставка е најголем падот на вредност при споредбата на почетокот и на крајот на 2016 година. Во декември нивната вредност е 79,293 милијарди денари, а во јануари тие изнесувале 83,212 милијарди денари. Разликата меѓу почетокот и крајот на годината е 3,92 милијарди денари односно 4,7 отсто. Кај оваа ставка забележлив е раст на вредноста на депозитите започнувајќи од јуни па се до крајот на 2016 година. Но, како што веќе пишувавме, од пролетниот пад на довербата во депозити во домашна валута кој изнесуваше над 5,3 милијарди денари (март-јуни) досега се компензирани 1,2 милијарди денари.
Р.Ф.
