Граѓаните ширум светот бараат данок на супербогатите - еве каде поддршката е најголема
Девет од десет луѓе во светот веруваат дека супербогатите треба да плаќаат повисоки даноци за да ја финансираат борбата против климатските промени и да ги подобрат јавните услуги, според најновото истражување.
Со растечката нееднаквост, оданочувањето на богатите станува сè поважно прашање. Најбогатите често се критикувани затоа што придонесуваат помалку во државните буџети од обичните даночни обврзници.
Студија нарачана од организациите Оксфам и Гринпис покажува дека граѓаните на Филипините најмногу го поддржуваат оданочувањето на супербогатите, така што државата има повеќе средства за јавни услуги и борба против климатските промени, пишува Euronews.
Според податоците на Оксфам, повеќе од 3,7 милијарди луѓе во светот живеат во сиромаштија, додека во последните десет години богатството на 3.000 милијардери се зголемило за 6,5 трилиони долари.
Истражувањето спроведено во мај 2025 година опфати 13 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија и Шпанија. Целта беше да се испита колку граѓаните ја поддржуваат идејата за поголемо оданочување на супербогатите со цел подобрување на јавните услуги - од здравство и училишта до инвестиции во обновливи извори на енергија.
Во Европа, Италијанците покажаа најголема поддршка за оваа идеја. Дури 94 отсто од населението го поддржа оданочувањето на супербогатите за подобрување на здравствената заштита. По нив следат Шпанија (91 отсто), Франција (90 отсто), Велика Британија (89 отсто) и Германија (85 отсто).
Подеднакво популарна беше идејата за спречување на користењето на даночните раеви. Овој предлог го поддржаа 94 отсти од Италијанците, 91 отсто од Британците, 90 отсто од граѓаните на Шпанија и Франција и 86 отсто од Германците.
foto freepik.com
