ГРАЃАНИТЕ СЕПАК ПРИЈАВУВААТ СОМНЕЖИ ЗА ДАНОЧНИ ЗАТАЈУВАЊА: Колку пријави добила УЈП лани и годинава?
Граѓаните пријавуваат сомнежи за даночни затајувања во Управата за јавни приходи(УЈП), а лани се примени нешто помалку од 900 пријави, додека во првите пет месеци од 2026 година, стигнале над 260 пријави.
Постојат повеќе начини на кои граѓаните можат да пријават неправилности, а надлежните потоа вршат контроли и ги проверуваат сомнежите.
„Управата за јавни приходи информира дека граѓаните и правните лица континуирано доставуваат пријави и претставки за сомнежи поврзани со можни даночни неправилности и даночно затајување. Пријавите до УЈП се поднесуваат преку телефонската линија за пријавување неправилности 198, Контакт центарот на телефонската линија 0800 33 000, електронската пошта на УЈП, преку архивата на Управата, како и преку други државни институции кои препраќаат пријави што се во надлежност на Управата за јавни приходи. Подносител на претставка, односно предлог може да биде секое физичко и правно лице. По прием на претставката, надлежните организациски единици Генералниот даночен инспекторат и Регионалните даночни инспекторати вршат анализа на наводите содржани во пријавите, како и проверка со податоците со кои располага Управата за јавни приходи. Врз основа на извршената анализа се оценува дали постои основ за отпочнување на даночна контрола и отворање на налог за контрола, особено во случаи кога пријавите содржат релевантни докази (фактури, испратници, приемници, каса-прими, трансакциски сметки и сл.) врз основа на кои може да се утврди даночната обврска. Неправилностите кои се утврдуваат во рамки на контролите по основ на Данок на добивка (ДД), Данок на додадена вредност (ДДВ) и Данок на личен доход (ДЛД), согласно Законот за даночна постапка, најчесто се однесуваат на неточно утврдена даночна основа или даночна обврска, при што се преземаат соодветни мерки согласно законските надлежности“, ни одговорија од УЈП.
Велат дека во рамки на инспекциските контроли, најчесто се утврдуваат неправилности како и непочитување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, вклучително: неиздавање фискални сметки, неправилно евидентирање на прометот, не воведување и користење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, не закупување и не регистрирање резервна фискална апаратура, не чување и одржување на фискалните апарати во исправна состојба, неиздавање парагон-блок за извршен промет на добра или услуги, како и други прекршоци утврдени со закон.
„Согласно евиденцијата на Управата за јавни приходи, во текот на 2025 година се примени вкупно 897 пријави, додека во периодот од 1 јануари до 31 мај 2026 година се примени 264 пријави. По сите пријави е постапено, а до подносителите се доставени соодветни одговори во согласност со утврдените процедури“, велат од УЈП.
Дел од граѓаните знаат дека има опција да се пријават даночни затајувања, а некои не знаат како тоа да го сторат или се плашат да пријават.
„Мене тоа не ми е јасно и не би пријавила“, вели повозрасна жена.
Друга помлада жена објаснува дека треба да се пријавуваат даночни затајувања и законот да важи за сите.
„Би пријавила, зошто да не? Нормално дека сите треба да плаќаат данок“, рече Гордана П. граѓанка.
Граѓаните се свесни дека одредени субјекти ги кршат законите и сметаат дека треба да се поработи на тоа да нема селективност.
„Знам начин како треба да се пријави, но тоа не ме засега и не би пријавила, а и секаде каде купувам даваат фискални сметки“, вели Соња Р. граѓанка.
Казните за даночно затајување во Македонија се дефинирани според член 279 од Кривичниот законик, тие предвидуваат парични глоби, но и затвор. Висината директно зависи од износот на затаениот данок.
Сања Атанасовска