Граѓаните од социјално ранливите категории нема да плаќаат радиодифузна такса!
Владата одлучи - трајно се укинува радиодифузната такса за граѓаните од социјално ранливите категории. Со мерката се опфатени најсиромашните категории граѓани - приматели на социјална и постојана парична помош.
Освен ова, на социјалците и на семејствата со приходи под 168 илјади денари годишно, Агенцијата за катастар за недвижности треба бесплатно да им изработи елаборат за легализација на дивоградбите.
Мерките треба да опфатат околу 40 илјади граѓани.
„За истакнување е дека со легализацијата на објектите во кои живеат примателите на социјална помош и постојана парична помош нема да ја загубат оваа помош“, рече премиерот Никола Груевски, според кого мерката не е дискриминаторска.
Владата усвои мерки кои се однесуваат и на лицата со инвалидитет. Така, во иднина сите градби кои ќе се градат ќе треба да бидат проектирани и изградени со посебно место за непречено движење на лицата со инвалидност. Секоја градба за станбено домување која има најмалку 10 стана треба да биде приспособена за пристап и движење на лицата со попреченост, како и еден на 10 станови да биде прилагоден за живеење на лица со попреченост и инвалидност. Во лифтовите се предвидува и хоризонтална и вертикална сигнализација за непречено движење на слепите лица, а сите пешачки патеки и јавни површини кои ќе се градат во иднина треба да имаат и патека за движење на слепите лица.
Слично
