Граѓаните незадоволни од инвеститори што нудат само минимална плата
Работодавачите - домашните бизнисмени, но и странските инвеститори се почесто во огласите за вработување ја нудат најниската плата предвидена со закон во Македонија, без разлика за кое работно место станува збор.
Последен пример е оној на германскиот инвеститор „Дрекселмаер“ кој бара работници за плата од 8.050 денари. Откако „Фактор“ ја објави веста за огласот утрово, не стивнуваат реакциите кај граѓаните. Тие се жалат дека компаниите како „Дрекселмаер“ го злоупотребуваат моделот на минимална плата и едноставно не ни размислуваат да понудат повеќе за македонските работници.
„Тука не станува збор за нови работни места и инвестиција, туку за експлоатација на македонскиот труд“, „Ова е резултат од патувачкиот циркус за привлекување на странски инвестиции: Дојдете кај нас, народот, ако треба, и бадијала ќе ви работи!“, „Барем се нуди работа. Претходно немаше понуда, затоа и платата беше помала“ - ова се дел од коментарите на граѓаните на фејсбук страницата на Фактор.
Според граѓаните, со минимална плата е тешко да се преживее и нејзината употреба треба да биде ограничена само во исклучителни случаи и работни места.
Од друга страна, ниската цена на работната сила е еден од пресудните аргументи заради кои што инвеститорите решаваат да вложат пари во Македонија. Како адут, во промоцијата на земјата, ова го користи и македонската Влада при обидот да привлече странски инвестиции.
Сепак, нејасно е како и на огласите кои се тукушто објавени се уште се нуди плата од 8.050 денари, кога веќе за 15-тина дена, минималната плата во земјава треба да се покачи на 8.800 денари.
Слично
