Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ГРАЃАНИТЕ МОЖАТ ДА ЗАШТЕДАТ И ДО 15.000 ЕВРА“: изгласана повластената стапка на ДДВ од 5 проценти за новоизградени станови

„ГРАЃАНИТЕ МОЖАТ ДА ЗАШТЕДАТ И ДО 15.000 ЕВРА“: изгласана повластената стапка на ДДВ од 5 проценти за новоизградени станови

Повластената стапка на ДДВ од 5 отсто за новоизградени станови ќе важи и по 1 јануари 2026 година. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност што беа усвоени во Собранието.

Согласно измените на Законот, рокот на примена на повластената стапка од 5 проценти на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој тие се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата се продолжува од 1 јануари 2026 година до 31 декември 2028 година.

Согласно постоечкиот Закон, беше предвидено повластената стапка на ДДВ од 5 проценти на новоизградени станови да се применува до 31 декември 2025 година.

На темата вчера пресконференција оддржаа и претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочија дека за стан од околу 70 метри квадратни, граѓаните можат да заштедат и до 15.000 евра, секако, во зависност од купопродажната цена.

Ова според нив е сериозна и реална поддршка, а не декларативна политика.

- Сакам да потсетам дека според досегашното законско решение беше предвидено зголемување на ДДВ од 5 отсто на 18 проценти од јануари 2026 година, што реално, ќе создадеше услови за ново зголемување на цените на становите на пазарот - напомена Катерина Димитровска, од владејачката партија. 


Фото: Вангел Тануровски

Слично

Поврзани вести