Граѓаните „кинат нерви“ со неисправни технички апарати
Најмногу потрошувачи во Македонија во првата половина од годинава се пожалиле на сервисирање и продажба на неисправни технички апарати, покажаа податоците на Организацијата за заштита на потрошувачи (ОПМ).
Во првите шест месеци од годинава во Организацијата имало 502 јавувања, а најмногу 20 проценти се однесувале на мобилните телефони, седум отсто на телевизори и 4 отсто на таблети лап-топ и десктоп компјутери.
„Честа појава е потрошувачите да купат производ кој не функционирал, од што може да се претпостави дека бил продаден со недостаток. Кај ваквите случаи, многу ретко потрошувачот добива нов исправен производ веднаш, туку производот со недостаток се праќа на сервис “, велат од ОПМ.
Освен ова потрошувачите се жалеле и на други производи - мебел, обувки, возила и резервни делови.
Во Организацијата се евидентирани и 129 јавувања со поплаки за добиени услуги. Од нив 23 проценти се однесуваат за туристичките агенции, особено во вториот квартал од годината. Потрошувачите најчесто се жалеле на неисполнување на делови од понудата, како недобивање соба со поглед на море, ол инклузив услуги, превоз од аеродром до хотел, бесплатни лежалки и други елементи кои биле однапред договорени со туристичката агенција и биле дел од понудата.
Слично
