Економија, финансии, бизнис

Контакт

Граѓани не трчајте по менувачници за девизи, паничното купување може само да наштети

Граѓани не трчајте по менувачници за девизи, паничното купување може само да наштети

Во скопските менувачници деновиве имало зголемена побарувачка на евра, од причина што граѓаните се плашат поради економската криза и конвертираат денари во евра.

Економистите советуваат дека нема потреба од панично купување на девизи, затоа што тоа може само да предизвика штети. Објаснуваат дека во денешно време, сите трендови се следат на глобално ниво и со тоа многу состојби се превенираат.

„Стравот од неизвесност кај човекот како суштество секогаш постои. Но, во овој случај нема потреба од создавање хаос и дополнителни  проблеми на економијата. Комитетот за финансиска стабилност се грижи и ја гарантира стабилноста на курсот на денарот. Надлежните регулатори на комитетот за стабилност будно ги следат состојбите и координирано се подготвени брзо да дејствуваат. Сведоци сме за изминатите две години во услови на пандемија, кога успешно се справија со сите ризици кои беа присутни.  Преку паничното купување девизи може само да се наштети и да се создаде  вештачки недостаток.  Исто како што се случи неоправданиот хаос во купување и складирање на  поголеми количини производи за широка потрошувачка, кои  предизвикаа и вештачки недостаток на тие производи на пазарот“, вели проф. д-р Шекеринка Ивановска, декан на Факултетот за економија, при Меѓународен Славјански Универзитет.

Но, не сите граѓани се исплашени од кризата. Има и такви кои поседуваат депозити во банките, и не планираат да ги чепнат или да конвертираат денари во странска валута.

„Немам големи познавања од економија, но следам дека и на светско ниво има варирање на валутите. Имам депозит во банка, така што не планирам да ги вадам парите и да ги чувам под перница, или пак да ги конвертирам. За да бидам сигурна дека постапувам правилно, прашав неколку познаници кои имаат познавање од економија, затоа што студираат економија, и само ми рекоа дека поради кризата ќе имаме инфлација, ќе ни се намали куповната моќ, но не ми укажаа на некои големи ризици. Мислам  дека постарите луѓе се поисплашени, затоа што преживеале економски кризи и во времето на Југославија“, вели наша соговорничка.

Зголемена побарувачка на евра деновиве имаше во соседна Србија, па така еврото по различен курс се продаваше во различни менувачници и градови. Една цена имаше во Белград, а друга во Врање. Дел од српските граѓани своите динари ги конвертираат и во швајцарски франци.

Од Народна банка во повеќе наврати повторија дека курсот на денарот е стабилен.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести