ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ЈА ПЛАТАТ ЦЕНАТА: Државата денес се задолжи 14.1 милион евра
Не запира бранот на задолжувања.
Министерството за финансии денеска се задолжи повеќе од планираното.
Имено, на денешната аукција на државни хартии од вредност наместо бараните 9.43 милиони евра, запиша 14.1 милион евра во државни хартии од вредност со повисока каматна стапка. Сите 14.1 милион евра се нов нето долг.
Со коментар и реакција прв за ова задолжување се јави дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов.
Тој вели дека со ова станало јасно зошто НБРМ ја зголемила референтната каматна стапка.
„Во услови кога има минимално намалување на девизните резерви и речиси целосно смирување на шпекулативните движења на менувачкиот пазар, покачувањето на каматата на благајничките записи имаше за цел да биде само алиби за зголемувањето на каматните стапки на државните хартии од вредност. Соочен со намалениот интерес, поради правната несигурност кај клиентите на домашниот пазар, Министерот Ставрески мораше да ги покачи каматните стапки, со цел да го продолжи галопирачкото темпо на зголемување на јавниот долг. Девизната клаузула кај 3-месечните записи имаше за цел само пролонгирање на нестабилноста на девизниот пазар“, реагира Наумов.
Тој дополнува дека со одлуките за покачување на каматните стапки, граѓаните и стопанството ќе ја платат цената, за сметка на продолжување на неконтролираното задолжување на Владата чии денови се одбројани, а домашните банки ќе остварат дополнителни екстра профити.
Денешното задолжува е второ во месец мај.
На 3-ти овој месец Владата се задолжи близу 50 милиони евра.
Министерството за финансии бараше 70, 6 милиони евра од домашните кредитори но успеа да собере само 48,9 милиони евра.
Според последните податоци заклучно првиот кваратал од годинава јавниот долг изнесува 4 милијарди 382 милиони евра или 45% од бруто домашниот производ.
Јавниот долг, во апсолутен износ, на крајот на 2010 година изнесувал 1.936 милијарди евра, а на крајот на 2015 достигнал 4.227 милијарди. Тоа значи дека пораснал за вкупно 2.3 милијарди евра. Кога тоа ќе се подели со бројот на денови во овој период (1896), се добива дека секој ден растел во просек за 1.25 милиони евра. Тоа значи дека секој час растел просечно за 52 илјади евра, односно 15 евра просечно во секоја секунда.
На овој линк овде може да го следите бројачот на јавниот долг во живо и сами да гледате колку изнесува задолжувањето на земјава секоја секунда.