Граѓаните да внимаваат, расте бројот на интернет измами
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика регистрирал зголемен број на пријави и информации за сомненија за сторени кривични дела од областа на интернет измамите.
Најдобриот метод за борба против овој вид на криминал е превенцијата и високото ниво на свест при користење на интернет мрежата во деловната комуникација. Од Одделението за истраги на компјутерски криминал при Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика советуваат е-меил адресите кои правните субјекти ги употребуваат за деловна соработка да се користат максимално професионално и од страна на ограничен број вработени во фирмата. Корисничките лозинки на е-меил адресите да содржат комплексни карактери и истите да се менуваат на одреден временски период. Ако е возможно, за деловни потреби да се избегнува користење на комерцијални е-меил сервиси, а истите да се заменат со професионални ИТ фирми кои нудат вакви услуги и гаранции за квалитет на истите. Да се прави телефонска или друг вид на потврда со деловниот соработник за договорените фактури/профактури, особено ако се воочи измена во банкарските податоци каде треба да се уплатат паричните средства. Сомненијата за измами во истиот момент да се пријават до одговорните во Банката каде правниот субјект е клиент како би можело навремено да се превенира во извршувањето (процесирањето) на трансакцијата.
