Граѓани бараат ослободување на Савески и Куновски, одбраната го спори вештачењето
Пред Основниот суд Скопје 1 денеска се собраа граѓани и членови на „Левица“, кои бараат ослободување за демонстрантите Здравко Савески и Владимир Куновски.
Тие 45 денови се во куќен притвор, а се товарат за демолирање на канцеларијата на претседателот, Ѓорѓе Иванов за време на протестите.
Претходно процесот беше одложен трипати, а денеска има ново судење.
„Сакаме да им порачаме на сите режимски измеќари во правосудството дека полека но сигурно одбројуваме. Нашето трпение е при крај, затоа што против секоја судска пракса, дали домашна или меѓународна, противзаконски се држат нашите другари“- кажа Димитар Апасиев од „Левица“.
Од „Шарената револуција“ објаснуваат дека 45 дена правосудните органи се под жесток притисок од авторитарниот и корумпиран режим да носат одлуки на штета на демонстрантите.
Одбраната на двајцата членови на „Левица“ го оспори вештачењето со образложение дека тоа требало да биде направено по наредба на ОЈО, како што предвидува Кривичниот законик, а не како што е во случајов - по налог на државното правобранителство.
