Градски трговски центар заработил 1000 евра за цела година?!
Официјалните податоци на Македонската берза покажуваат дека „Градски трговски центар" (ГТЦ) Скопје лани заработил 1.000 евра. Оваа компанија, што е доминантна државна сопственост, лани за плати на вработените потрошила околу 1 милион евра, а за струја и затоплување платила 1,27 милиони евра.
Според податоците, од кирии само лани ГТЦ успеал да инкасира едвај 900.000 евра. По продажбата на најголем дел од деловниот простор во изминативе дестина години оваа компанија се сведе на одржувач и сервисер на приватните продавници лоцирани во строгиот центар на Скопје, во Градскиот трговски центар.
Билансот покажува дека лани компанијата најголем дел од приходите остварила од комунални и од тековни услуги на кираџиите и на сопствениците на продавниците. Тој износ за лани е 176,14 милиони денари (2,86 милиони евра). Од кирии на целиот сопствен деловен и магацински простор оваа компанија лани успеала да оствари приходи од 54,2 милиони денари (околу 900.000 евра). Овие две приходни ставки креираат 90 отсто од целиот промет на компанијата што изнесува вкупно 254 милиони денари (нешто повеќе од 4 милиони евра), објави порталот „МКД“.
Инаку, само за плати, струја и парно ГТЦ лани платил над 2,2 милиони евра. Во Годишната сметка за 2012 година, одобрена од акционерите, пишува дека најголеми трошоци на компанијата се сметките за енергија (парно, струја) и трошокот за плати на вработените. За овие две ставки компанијата лани потрошила 2,2 милиони евра односно повеќе од половина од сите трошоци на компанијата лани. ГТЦ , некогашната гордост на Скопје, лани успеал да оствари профит од 811.462 денари што значи дека месечно компанијата правела профит од околу 1.100 евра.
