„Градски паркинг“ смета дека паркирањето во Скопје треба да поскапи
Цената на паркирањето во Скопје треба да се зголеми, а не да се намалува, сметаат од ЈП „Градски паркинг“, од каде пресметале дека скопјани плаќаат ниска цена за паркирање.
„Наведените цени не се променети од 2008 година и оттогаш нема нивно покачување. Во тие цени, покрај услугата, пресметан е трошокот за ДДВ од 18 отсто, како и комунална такса од 10 отсто, што значи дека околу една третина од вкупната цена се трошоци“, велат од „Градски паркинг“ за весникот „Нова Македонија“.
Ценовникот за паркирање по час на ЈП „Градски паркинг“ е одреден согласно местоположбата на паркиралиштата, односно зоните. Зоната А ги вклучува паркиралиштата во строгиот центар на градот, каде што цената за еден час паркирање изнесува 45 ден, во зоната Б е 35 денари, во зоната Ц и во зоната Д е 25 денари за еден час, што значи дека просечната цена изнесува 35 ден.
„Нова Македонија“ ги споредува цените за паркирање во Скопје со оние во останатите европски метрополи, но согласно животниот стандард на населението и дојде до заклучок дека споредено со месечните приходи, скопјани плаќаат поскап паркинг.
Во Берлин еден час паркирање чини околу 60 денари, а просечната плата изнесува околу 120.000 денари. Скопјани, пак, со просечна плата од околу 21.000 денари плаќаат околу 35 денари за паркинг. Оттука цената на паркирањето во овој западноевропски град е отприлика двојно повисока од онаа кај нас, а платата им е пет пати поголема. Истото важи и за Амстердам, Брисел и други европски градови каде што платите во просек се околу 120.000 денари, а цените за паркинг се движат од 60 до 120 денари за час во зависност од зоната. Во Прага, пак, цената на билетот за час е 45 денари, малку повисока од нашата, а примањата им се двојно поголеми. Единствено Париз и Лондон отскокнуваат во тој поглед, паркирањето чини од 150 до 180 денари за час, а во некои зони и повеќе, пишува „Нова Македонија“.
„Услугата паркирање и наплата не може во целост да се поистоветува со примањата на граѓаните, туку целта и цените на паркирање се да придонесат за растоварување на сообраќајот и за намалување на загадувањето на воздухот. Според тоа, може да се донесе заклучок дека од севкупното одржување, амортизација и експлоатација на едно возило, најмал процент отпаѓа на трошок за паркирање“, велат надлежните од ЈП „Градски паркинг“.
Слично
