Градската болница „8-ми Септември“ доби Ургентен центар
Нов Ургентен центар доби од денеска Градската општа болница „8-ми Септември“, со вкупна површина од речиси 900 метри квадратни. Во Ургентниот центар се вклучени три приемни амбуланти, машинска сала, електро соба, како и 4 болнички соби за дневна болница, ладна соба со 9 кревети и гипс сала.
Освен ова, направени се и две нови операциони сали, како и сала за реанимација, со средства во износ од 480.000 долари, донирани од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.
Изведен е и комплетно нов систем за климатизација и вентилација, кој целосно соодветствува на светските стандарди за енергетска ефикасност.
„Сакам да потенцирам дека за Ургентниот центар е обезбедена опрема со средства од Министерството за здравство, а дел и со сопствени средства на оваа јавна здравствена установа. Опремата која е наменета за операционите сали во рамки на Ургентниот центар, опфаќа 3 машини за анестезија со мониторинг, во вредност од 340 илјади евра, 6 анестезиолошки сетови, 5 ларингоскопски сетови во вредност од 47 илјади евра, кои во наредниве денови ќе бидат испорачани и ставени во функција. Покрај тоа, обезбеден е и HD ендоскопски столб со софтвер за детекција на степенот на оштетување на рскавицата и артроскопски инструменти за ортопедска хирургија, во вкупна вредност од 220 илјади евра (кои дополнително ќе бидат испорачани), како и повеќе машини за миење инструменти, и сервант за аудиолошката амбуланта, кој е во вредност од 100 илјади евра, односно целокупната опрема која ја обезбедуваме за Ургентниот центар чини преку 800 илјади евра“, вели министерот за здравство Никола Тодоров.
Според надлежните, новиот Ургентен центар со својот капацитет ќе овозможи навремена здравствена заштита за жителите на Градот Скопје и околните населени места, за разлика од претходно кога за ваквите случаи функционираше само дежурната служба.
Слично
