Градоначалникот на Струга исклучен од ДПА пред избори!
Кулминираат несогласувањата во Демократската партија на Албанците (ДПА). По наредба на лидерот Мендух Тачи, партијата денеска ги исклучи градоначалникот на Струга Зијадин Села и претседателот на струшкиот огранок Лавредим Елмази.
Одлуката беше донесена експресно, откако целиот струшки огранок на ДПА, заедно со Села, синоќа ги замрзнаа партиските активности и одлучија да не учествуваат во предизборната кампања. Вака било одлучено заради несогласувањата меѓу Села и Тачи за тоа кој да биде носител на кандидатската листа во петтата изборна единица, каде што припаѓа Струга.
Села тврди дека предложениот кандидат Зија Јонузи ја нема поддршката во Струга и побара листата со овој носител да се повлече, додека Тачи инсистира дека сите предложени кандидати ја поминале редовната внатрепартиска постапка за кандидирање.
И покрај ваквите несогласувања околу парламентарните избори, струшкиот градоначалник сепак вели дека ќе го поддржи претседателскиот кандидат на ДПА Илијаз Халими и нема да се залага за бојкот на изборите.
Слично
