Економија, финансии, бизнис

Контакт

Градоначалникот на Радовиш влегува во бизнисот со мали хидроцентрали

Градоначалникот на Радовиш влегува во бизнисот со мали хидроцентрали

Новиот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, влегува во бизнисот со мали хидроцентрали. Владата на една од последните седници донесе одлука да одобри пренос на дозвола за концесија за 32 мали хидроцентрали на реките Вардар, Струмица и Црн Дрим на друштвото за производство на електрична енергија Еко Тера од Скопје.

Постапката за пренос на концесијата започнала од октомври минатата година. Концесијата првично ја имала Италиан Мацедониан Повер Генератион ДОО Скопје по оглас издаден од Владата во 2016, а сега ја добиваат трите фирми Минт-Инженеринг, Алфа Инженеринг и Пескара Вел здружени како Еко Тера.

Ристов е сопственик на Алфа Инженеринг, а бизнисменот вели дека концесијата е одобрена по низа на околности.

- Не се работи за 32 хидроцентрали, туку само за три започнати. Италијанската фирма започна да ги гради, но во меѓувреме отиде во стечај. Ние бевме доверители таму и со планот за реорганизација ни е одобрено на наше барање да ја превземеме оваа концесија. Хидроцентралите треба допрва да се доградуваат, бидејќи се само 40, 50 отсто завршени. Владата оваа постапка ја одолговлекуваше повеќе од една година и требаше порано да биде завршена, ни изјави Ристов.

Станува збор за менаџирање на мали хидроцентрали по моделот проектирање, изградба, оперирање и пренос на сливовите на реките Вардар, Струмица и Црн Дрим. Ристов остана недоречен на прашањето каде ќе се доградуваат хидроцентралите со изговор дека е на седница.

Еко Тера е основана на крајот на ноември, а градоначалникот на Радовиш кој во меѓувреме славеше победа на локалните избори, во меѓувреме е избришан како управител на групацијата.

Државниот завод за ревизија изминатиот период побара од државата да направи пазарно прилагодување на повластени тарифи што малите хидроцентрали ги добиваат од производството на електрична енергија. Исплатени биле вкупно 41 милиони евра како екстра пари, а истовремено извесни се штетите над еко-системот.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори во општина Радовиш победи со разлика од околу 2.500 гласови повеќе.

А.К.


Слично

Поврзани вести