Градежните фирми бараат брза лента во Катастар за повеќе инвестиции
Градежната комора формираше заедничка група со Катастар за подобрување на услугите на оваа институција, особено во делот на добивање на документи поврзани со градежно земјиште и имотно-правни состојби со цел да се забрзаат процедурите и да се зголемат инвестициите во градежништвото.

– Постапката за воведување „брза лента“ ќе претставува дополнителен стимул за натамошен развој на домашните градежни компании, а исто така и за привлекување странски инвестиции, рече на прес-конференција Роберт Хот, претседател на Градежната комора.
Запишувањето на објектите и обезбедување на листовите за предбележување на градба во име на инвеститорите согласно Законот за градење го вршат општините. Имајќи ја предвид ваквата законска регулатива, посочи директорот на Катастарот Славче Трпески, работните групи треба да утврдат каде е кочницата во самиот процес на доставување предмети до Катастарот и дали треба да се направат обуки.
– Втор момент на кој треба посериозно да работиме е брзината на предметите доставени до Катастарот. Приоритет во решавање за некои предмети е невозможен затоа што Катастарот мора да ги работи предметите по ред, ако на пример има две хипотеки мора првата, но за некои други типови предмети можеби е возможно. Треба да се седне да се видат сите параметри, да се разгледаат и да се најде најефикасно решение. Како Катастар сме расположени за соработка сите идеи да ги прифатиме и да ги имплементираме за да имаме уште подобра соработка, рече Славче Трпески директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Меѓу предлозите се најде и отворање одделни шалтери за правни и за физички лица.
