Градежните компании се закануваат со тужби за Општина Центар и Жерновски
Општина Центар може да биде затрупана со тужби, откако новиот градоначалник Андреј Жерновски се закани со стопирање на одредени градежни зафати во општината. некои компании сметаат дека проектот Скопје 2014 донел голем бенефит за нив и дека со тој проект државата практично ги спасила од колапс во време на економска криза.
-Проектот донесе бенефит за градежната индустрија и отвори работни места за голем број градежници, со ваков став излезе Компанијата Бетон која е една од ангажираните за проектот Скопје 2014. Оттаму велат, дека со овој проект државата ги спасила од колапс, бидејќи работата на градежниот сектор одиграла значајна улога во ублажувањето на ударот на светската криза кој беше закана и за Македонија.
Откако новиот градоначалник Жерновски изјави дека ќе ги запре изградбите на сите објекти во општината реагираа и од здружението на бранители БЕДЕМ.
- Искрено се прашуваме од каде е таа храброст или лудост да се бара да се отстрани споменикот на бранителите на кој се испишани 75 имиња на бранители кои го дадоа животот за нашата иднина, за вашата, за секој граѓанин на РМ. Г-дине Жерновски не ја прифаќајте улогата на талибанец и немојте да бидете македонскиот Мохамед Омар Акхунд кој во Авганистан рушеше споменици. Со рушење не се обезбедува заслужно место во историјата, туку со градење и дела.
Инвеститорите, оние кои купија земјиште од државата за изградба на објекти, сега се плашат дека општината ќе го пренамени просторот, а ним ќе им пропаднат парите.
По блокирањето на изградбата на објектите за кои веќе има издадена дозвола, инвеститорите ќе поднесат тужби, но тие сепак нема да го тужат Жерновски, туку општина Центар.
Власта неодамна објави дека проектот Скопје 2014 чинел малку над 200 милиони евра, додека опозицијата и натаму смета дека за него се потрошени повеќе од половина милијарда евра.
Градоначалникот Жерновски најави целосна ревизија на проектот и можно стопирање на дел од градбите кои се или во почетна фаза или не се почнати, доколку прописите го дозволуваат тоа. ВМРО ДПМНЕ го обвини Жерновски за самоволие, и предупреди дека нема да се дозволи стопирање на проектот.
Слично
